Со помош на обучено куче за откривање на тутунски производи, во контејнер на атинското пристаниште Пиреас биле откриени и конфискувани 548.000 кутии цигари, односно 10.960.000 шверцувани цигари, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Крајбрежната служба на Грција соопштија дека цигарите биле во контејнер што на 6 јули пристигнал од Обединетите Арапски Емирати со крајна дестинација Црна Гора, а било пријавено дека пренесува стаклени производи.
Ден подоцна била извршена рендгенска безбедносна проверка и било оценето дека е неопходен понатамошен физички преглед на конкретниот контејнер, по што вчера, службеници од Управата за борба со дрога и шверц на крајбрежната служба, заедно со цариници и со помош на обучен куче за откривање на тутунски производи, биле откриени шверцуваните цигари.
Вкупниот износ на избегнати давачки и други даноци, според Крајбрежната служба изнесува 2.321.081евра, а прелиминарна истрага врши Централната пристанишна управа на Пиреас.