Започна средбата зад затворени врати на претседателот на Република Бугарија Румен Радев со претседателката на земјава Гордана Сиљановска Давкова, објави Бугарското национално радио.

Ова е прва средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со претседателот на Бугарија, Румен Радев откако во Рим на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј не дојде до средба.

Според БНР, по разговорот на двајцата претседатели не се очекуваат изјави.

Пред денешната средба со Сиљановска Давкова, бугарскиот претседател Радев изјави дека очекува конечно да се решат отворените прашања.

Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република … Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме … Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави Радев.

Според Радев, нашата Влада сè уште ја нема напуштено изборната реторика.

Владата на Република Cеверна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, потенцираше Радев.

Ова е прва посета на Сиљановска Давкова откако ја презеде функцијата во мај годинава. Таа вечерва во Софија ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди на Македонската опера и балет.

Во македонската делегација во Софија денеска се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.