Под специјални протоколи кои важеа и лани, од денеска започнаа со работа градинките во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за труд и социјални прашања на Грција во чија надлежност се градинките, за невакцинираните вработени, задолжително е тестирање секоја седмица, додека пак во случај некој од вработените или децата да појави симптоми на Ковид-19, тогаш нема да биде дозволен влез во градинките.

Доколку постои потврден случај, тогаш веднаш треба да биде информирана градинката како и Националната организација за јавно здравје и следи темелно чистење на просторот.

Заменик- министерката за труд и социјални прашања Домна Михаилиду рече дека „безбедноста на децата останува главен приоритет“.

– Многу сме внимателни и континуирано сме во состојба на готовност, следејќи ги епидемиолошките податоци. Засега не постои загриженост. Знаењето и искуството што ги стекнавме не движат напред  и секогаш се движиме според упатствата на експертите, рече Михаилиду.

Учебната година за забавиштата, основните и средните училишта во Грција ќе започне редовно, на 13 септември, со физичко присуство на учениците, но и со задолжителен документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен тест.

За просветните работници задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично, што ќе биде на нивни трошок.

За учениците, задолжителен е сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично.

Протоколите под кои ќе работат училиштата и факултетите ќе бидат детално соопштени непосредно пред почетокот на учебната и академската година.