Белоглавите мршојадци кои беа пронајдени паднати и изнемоштени во Берово на почеток од месецов, по рехабилитацијата во Скопската зоолошка градина, денеска беа пуштени на слобода, на хранилиштето за мршојадци на висорамнината Витачево кај Кавадарци.

– Станува збор за две млади птици, кои дошле на свет оваа година. На двете им ставивме сателитски предаватели за следење на нивното движење, но и крупни маркери заради следење на позиција и препознавање оддалеку, рече за МИА Емануел Лисичанец од Здружението за заштита на природата ,,Аквила” од Кавадарци.

Тој нагласи дека станува збор за загрозен вид, кој е во опаѓање во светски рамки. Во земјава, останати се не повеќе од 40 птици.

Освен активисти  на здружението домаќин, на Витачево денеска беа и нивни колеги  од невладината организација ,,Проанима” од Берово кои ги пронајдоа птиците, стручни лица од Фондот за дива флора и фауна од Бугарија кои направија нивно обележување и поставување на трансмитери, претставници од  Министерството за животна средина, сектор природа, Агенцијата  за храна и ветеринарство, Зоолошката градина од Скопје, Македонското еколошко друштво, Фондацијата за зачувување на мршојадците од Шпанија и инспектор за животна средина од Кавадарци.

Ова не е прв пат активисти за заштита на природата да спасат повредени или изнемоштени диви животни и птици и после нивната рехабилитација, да ги пуштат на слобода, во светот на кој му припаѓаат.