Државата Република Македонија гарантира дека ќе го обештети инвеститорот во случај идната централа Митилинеос да претпри штета ако има војна или пак вооружен грабеж, но и во случај на некој друг тип на вонредна состојба, револт, немири и востанија.
Тоа е наведено во новото, изменето законско решение за грчкиот стратешки инвеститор доставено во Собранието, пишува економскиот портал Фактор.
По бурните реакции поврзани со оваа стратешка инвестиција, која здружението на инженери ја посочи како најштетна од сите договори за стратешки инвестиции, и истакнуваа дека државата повеќе губи отколку што добива, законите беа повлечени, разгледани од Владата и сега се повторно пред пратениците во Собранието на Македонија.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи сега, откако Владата ги повлече, а потоа ги врати во собраниска процедура, е наведен како предлагач на четирите закони.
Претходно, пред да бидат повлечени, предлагач беше министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ, кој меѓувреме изрази резерви за еден од законите.
Според Битиќи, законите биле повлечени за да ги елиминираат недоумиците во врска со тврдењата дека за нив нема мислења од дел од институциите.
Извор: Фактор