Висок функционер на Стејт департментот изјавил дека условите во овој момент не се соодветни за првиот состанок на високо ниво меѓу САД и Кина во последните неколку години, објави Би-би-си.
Инаку, посетата на Кина Блинкен требаше да ја започне денеска.
Кина претходно изјави дека балонот што лета над САД е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.
Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе продолжи да комуницира со Соединетите држави со цел правилно да дејствува во ваква неочекувана ситуација.
– Цепелинот е од Кина и е од цивилна природа, а се користи за метеоролошки и други научни истражувања. Поради влијанието на западните ветрови и ограничените контролни способности, цепелинот отстапил од планираниот курс, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Во него се додава дека Кина жали што цепелинот по грешка залутал во САД поради виша сила.
Американските власти претходно соопштија дека кинески шпионски балон лета над САД веќе неколку дена. Стравувањата се дека балонот може да собере одредени разузнавачки податоци, иако Кина ги негира ваквите наводи.
САД и Канада следеа балон кој лета на голема височина над Северна Америка и чувствителни воени локации. Балонот прелета над Алеутските острови на Алјаска и низ Канада пред да се појави над градот Билингс, во американската сојузна држава Монтана.
Пентагон вчера вечерта објави присуство на балон во воздушниот простор на САД, а канадската влада, пак, денеска објави дека истражува „уште еден потенцијален инцидент“.
На барање на американскиот претседател Џо Бајден, Пентагон размислуваше за соборување на балонот, но беше оценето дека тоа ќе претставува ризик за луѓето на земја, изјави неименуван американски претставник.
– Нема сомнеж дека балонот е од Кина, додаде тој.
Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, рече дека САД и Канада ја следат траекторијата на балонот.
– Балонот моментално лета на височина далеку над комерцијалниот воздушен сообраќај. Тој не претставува воена или физичка закана за оние на земјата, се вели во соопштението.