Скопската Зоолошката градина од утринава е затворена, а евакуирани биле и вработените, објави порталот Мета од извори во ЗОО Скопје кои инсистирале на анонимност, а веста на својот ФБ профил ја објави и поранешниот директор на ЗОО, Ѓорѓи Галетановски.
Неофицијално, станува збор за бактерија, а не се исклучува ниту вирус кај гуските од кој може да се заразат и луѓето. Во последниве денови угинале десетина гуски, а сега се усмртувале и останатите.
В.д. директорот на ЗОО Скопје Зоран Попов не одговорил на повиците на Мета, а директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов кратко ни изјави дека од рано изутрина е во Зоолошката градина и дека ќе се вршат сите можни испитувања за да се види точно за што станува збор.
– Во моментов не можам да дадам никакви конкретни информации додека немаме резултати од испитувањата, изјавил Миланов за Мета.
Веста за затворањето на ЗОО на својот профил на ФБ ја објави и поранешниот директор Ѓорѓи Галетановски:
– Смртоносна бактерија „птичји грип” е најдена во Зоолошка градина Скопје. Во моментов Зоолошка е затворена, посетителите евакуирани, а инспектори се веќе влезени. Ги замолувам посетителите и колегите сите што ја посетиле деновиве да се проверат, објави Галетановски.
Досега во мандатот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во Зоолошката градина се сменети четворица директори.