Шести ден, поради снежните врнежи, 10-тина припадници на пограничната полиција се заглавени во полициската станица во селото Танушевци, на границата со Косово.
Според неофицијални информаци што се објавуваат во медиумите храната на полицајците била при крај, а движењето ограничено поради висината на снегот која изнесува од 1,5 до 2,5 метри. Повремено откажувале и телефонските врски.
Од МВР велат дека поради наноси од снег вчера не била извршена смената, но се преземале мерки тоа да биде сторено во најскоро време.
Од МВР демантираат дека на завеаните полицајци им снемало храна.
– Поради наноси од снег од вчера не е извршена смената на полициските службеници во Танушевци, но се преземаат мерки тоа да биде направено во најскоро време. Полициските службеници имаат доволно храна и сме во постојана комуникација, велат од МВР.
Пограничната полиција во караулата во Танушевци, поради лошите временски услови и тешко проодниот терен, каде што снежните наноси може да бидат и по два до три метри, дежураат по неколку дена.