И адвокатот Боро Тасевски, бранител на обвинетиот Влатко Сајковски, во својот завршен збор од судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, во предметот на СЈО  „Титаник 2″, побара тој да биде ослободен од обвинението бидејќи не се докажало дека сторил некакво кривично дело.
– Напротив од сите изнесени докази се докажа дека ова обвинение е партиско политичка пресметка во која судовите и СЈО се користат како инструмент, изјави Тасевски.
Посочи дека Сајковски постапувал согласно законските прописи и обврски.

– Од изведените докази се покажа дека обвинението е контрадикторно и во однос на причините за поништување на гласањето, изјави Тасевски.

Нагласи дека причина за поништување на гласањето, барем според обвинението, е едно гласачко ливче без потпис од гласач, додека од изведените докази се потврдило дека Избирачкиот одбор не го спровел гласањето согласно закон, што значи е основ за поништување на гласањето.

Тасевски, во завршен збор, дополнително се осврна и на незаконските докази кои биле изнесени вон постапката и неовластено обвинителство што ја водело.

Влатко Сајковски се приклучи на одбраната на неговиот адвокат и побара ослободителна пресуда.

Додаде дека член на ДИК бил од 2008 до 2015 година, а дека практично искуство од прва рака во целокупниот изборен процес имал од 1995 година.

– ДИК донесе правилно решение за избирачко место 1727 Струмица. Избирачкиот одбор не го спровел гласањето согласно закон, рече Сајковски.

Посочи дека одлуката може да се провери од второстепен орган, како и што било направено.

Претходно во завршен збор ослободителна пресуда за лидерот на ДПА Мендух Тачи и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими, побара и нивниот бранител.

Во Титаник 2 обвинети се и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и поранешните членови на ДИК: Анета Стефановска и Сашо Срцев.