Се нудеа и петстотини денари за килограм смрчки, ама пролетва природата даде само за сопствено задоволство и уживање, изјави Атанас Стамаџиев за МИА, кавадарчанец кој бере тревки и печурки. Во годините кога има во изобилство, тој откупува печурки и од други луѓе.

– Годинава, имаше понекоја смрчка околу градот, во лозјата. Но, веќе завршија пред извесен период. Имаше и во планинските делови понекоја, па и тие завршија кога прекина дождот. Сезоната не беше добра. Времето едноставно не беше наклонето, за да можат љубителите на природата да уживаат во смрчките како извонредна природна храна. За количини за откуп воопшто не можеше да стане збор. Луѓето си береа по килограм – два, колку за своја душа. Така барем беше на овие простори. Дури и да сакаа, не можеа да соберат  повеќе за да продадат, нагласи Стамаџиев.

Сезонава и цените биле многу пониски од некои други години, поради намалената побарувачка, како последица на затворените граници поради пандемијата од коронавирус. Дури и кога имало откуп, не се откупувале сите видови. Цената се движела од 80 до 500 денари за килограм. За оние за кои порано се откупувале за 1.200 денари за килограм, сега се нуделе само 500 денари.

Марјан Нојков од неготинско Долни Дисан, кој живее и работи во Скопје, секоја пролет дел од слободното време го користи за потрага по смрчки. Нагласува дека се вистински деликатесна и многу здрава храна.

– Растат на полјани, на песоклива и глинеста почва, на сончево место. Покрај лозјата, на меѓите. Ги собирам за семејни домашни потреби, не за комерцијална продажба. Има повеќе начини на приготвување, од обично пржење до разни специјалитети. Некои ги јадат свежо приготвени, некои ги нижат на врвци како пиперки, ги сушат, па дури подоцна ги приготвуваат. Или ги ставаат во замрзнувач, за да уживаат и во следна пригода. Јас најмногу ги сакам потпрженки со ориз. Идеално мезе се за бело вино и тиквешка жта од дисанско поднебје. Посебно ги обожаваат тие што не јадат месо, на диета се или постат, раскажа Нојков за МИА.

Некои од соговорниците рекоа дека освен за деликатес, смрчките важат и за афродизијак.

– Од толку што се барани, лете и наесен некои несовесни поединци намерно палат шумски пожари, за напролет да берат смрчки, оти тие растат на опожарени места, додадоа тие.

Магистер Петко Ристовски, шеф по заштита на шуми при кавадаречката подружница на „Национални  шуми”, информира за МИА дека годинава се издадени само четири дозволи за собирање лековити растенија и шумски плодови на територијата на кавадаречката и росоманската општина. Лани биле издадени само седум, а 32 дозволи се регистрирани во 2015 година.

– Од година на година се намалува бројот поради откупот, цените, плаќањето, годината и што ли уште не. Годинава еве се жалат продавачи на пазарот, поради состојбата со коронавирусот, соопшти тој.

Една дозвола чини 400 денари за тековна година.

– Дозволи кај нас вадат тие што собираат растенија и шумски плодови за продажба, а договори со централата склучуваат тие што се јавуваат како откупувачи. Тие што тоа го прават за сопствени потреби, имаат право, на пример, да си соберат до еден килограм шумски плодови, без да имаат дозвола од подружницата „Бор”, појасни Ристовски.

Светлана Дарудова за МИА