После 10 дена без ниту еден новозаболен од коронавирусот и поминати 30 дена од прогласување кризна состојба, од вчера на териториите на општините Дебар и Центар Жупа важат истите мерки како и во целата држава.

Владата на Македонија, по предлог на Главниот координативен кризен штаб, ги укина сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа на сила според акцискиот план подготвен на 13 март 2020.

 

Директорот на Центарот за уравување со кризи Агрон Буџаку рече дека од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба во Дебар и Жупа придонело во последните 10 дена, да нема нови случаи на заразени лица со коронавирусот.

 

– Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со КОВИД-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување, наведе Буџаку.

Тој посочи дека медицинските лица, како локалните, така и тие дојдени да помогнат  од другите делови на државата, ја заслужуваат најголемата благодарност и пофалба за се што направиле и прават за граѓаните на Дебар и Центар Жупа.

Буџаку се заблагодари и на припадниците на МВР, Армијата, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, невладините хуманитарни организации и сите други за нивниот голем придонес за надминување на кризната состојба. Најголема честитка, рече тој, заслужуваат граѓаните на Дебар и Центар Жупа кои максимално се придржуваа до сите мерки донесени од страна на институциите.