Утрово во 05:00 часот заврши најдолгата 85-часовна забрана за движење на целата територија на државава, која почна во петокот од 16:00 часот.
Изминатите 85 часа полицијата привела повеќе лица кои не ја почитувале забраната за движење и за нив ќе бидат покренати соодветни прекршочни пријави.
Полицискиот час од денеска продолжува како во работните денови во изминатата седмица од 16 часот попладне до 5 наутро. Во сила е забраната за групирање на повеќе од две лица, освен за родители со деца до 14 години. На повозрасните од 67 години дозволено им е да излезат надвор од домот од 10 до 12 часот, а на младите до 18 години – од 13 до 15 часот.
Сопствениците на кучиња може да ги изнесат надвор своите миленици од 20 до 20:30, и притоа да не бидат подалеку од 100 метри од објектот во кој живеат.
Движењето за време на полициски час им е дозволено само на категории граѓани кои имаат работни обврски и поседуваат дозволи што ги издава Министерството за информатичко општество и администрација.
Автобусите на ЈСП Скопје и приватните превозници од денеска продолжуваат да сообраќаат во две смени, односно од 5 до 9 часот, па од 13 до 16 часот.
Како што соопштуваат од ЈСП, автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.
Премиерот Оливер Спасовски најави дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин после 1 Мај да се почне со олеснување на некои од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала. дма/мч/
Излекувани 200 заразени од коронавирус
Во Македонија утрово заврши најдолгиот, 85-часовен карантин кој ги задржа граѓаните дома за време на велигденските празници.
Ефектот од ваквите рестриктивни мерки чија цел е спречување на ширењето на коронавирусот, властите го очекуваат на почетокот на мај, за кога и најавуваат дека ќе почне олабавувањето на некои од нив и враќање на животот во нормала.
Бројот на излекувани пациенти од корона вирусот во нашата држава достигна 200, откако вчера имаше повеќе излекувани – 21, од ново регистрирани случаи -18. Вкупниот број на заразени е 1.225 лица.
Ќе се зајакнуваат меките мерки за да не мора да се заоструваат рестриктивните.
Од Владата велат дека во тек се подготовки за олабавување на рестрикциите, но дека тоа нема да се случи преку ноќ. За да може да се обезбеди олабавување, мораме претходно сите заедно да си ја обезбедиме заштитата – маска/марама, два метри дистанца, негрупирање. Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите, брифираат од Владата.
Од среда граѓаните од општините Куманово, Тетово и Прилеп кога ќе излегуваат надвор од своите домови ќе мора задолжително да носат заштитна опрема – маска, шал, марама. Оваа важи за сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или слично.
Властите препорачуваат граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови, и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.
Од денеска се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Досега од Ковид-19 починати се 54 лица, од кои три во изминатите 24 часа.
Во изминатото деноноќие направени се 263 теста. Преку ИЈЗ –252, преку и Систина со PCR метода -11. Досега во земјата се направени вкупно 12.133 тестирања на ковид -19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје вкупно се хоспитализирани 56, од кои 18 се на кислородна поддршка, а тројца се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 септември“ се хоспитализирани 34 потврдени и суспектни пациенти. Со потешка клиничка слика се девет пациенти, а шест се на респираторна машина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 14 пациенти потврдени и суспектни на ковид, а на домашно лекување се следат уште 15 пациенти.
Во штипската болница во моментов се лекуваат пет ковид позитивни пациенти, сите во стабилна состојба, а на домашно лекување се следат 19 пациенти, информираат од Министерството за здравство.