Завршен збор на екс претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, на судењето за „27 април“:

Во однос на делот од обвинението цитирам: „Обвинетиот Трајко Вељаноски на Седница на Собрание преку ред му дал збор на пратеникот Зекирија Ибраими и не го спречил да ја испее химната на Република Албанија, ја заклучува седницата.

Би го истакнал следново: Се докажа дека пратеникот Зеќирија Ибрахими е заменик кординатор на пратеничката група БЕСА и тој како заменик кординатор побара и доби процедурална забелешка и дека е лажно сведочењето на сведокот од обвинителството Сашко Коцевски, кој на главна расправа на 11 мај 2020 год кажа: „Зекирија Ибраими не бил заменик кординатор. Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски се поби од наша страна со материјален доказ изведен на 21 август 2020 год. допис за формирање на пратеничка група БЕСА со определување на координатор и заменици  координатори доставено до Собранието на 23.01.2017 година со арх.бр.08-327/1, како и од исказите на сведоците Африм Гаши, кој на главна расправа на 02 декември 2020 год. Изјави, цитирам:

„На прашање на адвокатот: Дали имавте некој заменик и ако имавте дали се сеќавате кој?

Сведокот одговори: Двајца заменици – Фадиљ Зендели и Зекирија Ибраими.“

Од исказот на сведокот Фадил Зендели, кој на главна расправа на 16 ноември 2020 год. Изјави, цитирам:

„На прашање на адвокатот: Дали имаше и други заменици и ако имаше дали може да ни посочите?

Сведокот одговори: Имаше уште еден заменик, Зекирија Ибраими, значи јас и Зекирија Ибраими бевме заменици.“

А во однос на обвинението дека преку ред му е даден збор на Зекирија Ибраими, а кое обвинение Обвинителството го поткрепи со неговите сведоци Сашко Коцевски на главна расправа на 11.05.2020, кој, цитирам:

„На прашање на ЈО: Продолжете, застанавте кај пеењето на химната од страна на пратеникот Крсто Мукоски, продолжете понатаму.

Сведокот одговори: Процедурално побараа Илија Димовски и Џевад Адеми по пеењето на химната како координатори на пратенички групи потоа се јави и Зекирија Ибраими, тој мислам дека не е координатор на пратеничка група претседателот му даде  збор за да ја пее албанската химна, и покрај тоа што другите двајца беа пред него пријавени, по што Зекирија Ибраими не е  координатор на пратеничката група ја отпеа албанската химна. Потоа настана…“

И сведокот Весел Мемеди на главна расправа на 15 .05.20, кој,цитирам:

„На прашање на ЈО: На 27 април 2017 година околу 16-17 часот што се случувало, дали сте биле во Собрание и ако сте биле што се случувало?

Сведокот одговори: Откога заврши химната од страна на Крсто Мукоски, претседавачот Трајко Велјаноски му даде збор процедурално на пратеникот Зекирија Ибраими, иако јас сум убеден дека Џеват Адеми и Артан Груби се пријавија први.

И на прашање на бранителот, адвокат Еленко Миланов: Г-дине Весел, кога зборувавте за моментот кога г-дин пратеник Крсто Мукоски ја пеел македонската химна и рековте дека сте виделе како некои други пратеници се пријавиле, но добил збор г-дин Зекирија. Прашањето е: тоа значи дека веднаш по пеењето на химната од Крсто Мукоски го доби зборот Зекирија Ибраими, така?

Сведокот одговори: Господинот Зекирија Ибраими го доби зборот откако заврши со пеењето господинот Крсто Мукоски.“

Беше целосно побиено како со материјални докази изведени на главна расправа на ден 21 август 2020 год. и тоа стенографски белешки од Седници на Собрание на Република Македонија од 27.04.2017 година како и видеото од собраниската седница од 27 април кое беше репродуцирано, како и со сведоците предложени од наша страна се докажа дека е целосна невистина и погрешно тврдењето на Обвинителството дека на пратеникот Зеќирија Ибрахими преку ред сум му дал збор.

Имено, после Крсто Мукоски кој имаше процедурална забелешка, за процедурална беа пријавени и добија процедурална забелешка пратениците Антонио Милошоски, Зоран Илиоски, Владимир Ѓорчев, па на крај Зекирија Ибраими, што значи помеѓу Крсто Мукоски и Зекирија Ибраими имаше тројца пратеници.

-Прво, Обвинителството не прави разлика на пријавени пратеници за збор, пријавени пратеници за реплика и контрареплика, како и пријавени пратеници за процедурално, што е сосема различно.

-Второ, пријавувањето на пратеници за збор по точката на дневен ред беше завршено уште пред еден месец, поточно на 27 март, тогаш се завршува кој се пријавува и со тоа затворена беше листата за пријавување за збор.

-Трето, пратеникот Зеќирија Ибрахими беше пријавен за процедурално како заменик кординатор и според редоследот на пријавени доби процедурална забелешка.

Од исказите на сведоците Џеват Адеми и Артан Груби се потврди дека Зекирија Ибраими бил пријавен пред нив за процедурално, а не како што лажно сведочеа Сашко Коцевски и Весел Мемеди дека преку ред му е дадено збор на Зекирија Ибраими.

Сведокот Џеват Адеми на главна расправа на 06 ноември 2020 кој, цитирам :

„На прашање на адвокатот: Дали може да ни го појасните малку пооопширно овој дел дали бевте пријавени за процедурално или како рековте или реплика пред г-дин Зекирија Ибраими?

Сведокот одговори: Господинот Ибраими во конечниот список на пријавени за збор беше пред мене.“

Сведокот Артан Груби на главна расправа на 06 ноември 2020 кој, цитирам:

„На прашање на адвокатот: Дали можете да ми кажете за Вашата пријава во однос на пратеникот Зекирија Ибраими беше пред или после?

Сведокот одговори: После пратеникот Зекирија Ибраими, затоа и се повлеков од збор.“

Послем вака јасните сведочења на Џеват Адеми и Артан Груби дека не биле пријавени пред Зекирија Ибраими се побија наводите на сведоците од обвинителството, но за жал обвинителството продолжува во завршниот збор со невистини и го посочи Панчо Минов како пратеник кој бил пријавен за процедурално пред Зекирија Ибраими но и овој навод е невистинит затоа што Панчо Минов испитан како сведок јасно кажа дека не бил пријавен.

Сведокот Панчо Минов кој на главна расправа на 04 септември 2020 год, изјави цитирам:

На прашање на адвокатот: Последното  продолжение  на   конститутивната  седница на  27 април  дали вие бевте  пријавени  пред  да добие  збор  г-дин Зекирија Ибраими и ако бевте  пријавени  за  што?

Сведокот одговори: Не бев пријавен.

Сега се прашувам до кога обвинителството ќе лицитира со имиња на пратеници, почитуван суде колку и да лицитира со имиња на пратеници обвинителството неможе да ја промени вистинската фактичка состојба а тоа е дека Зекирија Ибраими не добил збор преку ред.

 

Исто така од сведочењето на пратеникот Зекирија Ибраими на главна расправа на 13 ноември 2020 се утврди и потврди дека бил заменик кординатор и како заменик кординатор се пријавил за процедурално и му било овозможено процедурална дискусија, а дека поттикнат од дневната дискусија и од Крсто Мукоски, кој ја испеал македонската химна, тој во знак на протест испеал дел од албанската химна и дека тоа било лично негова одлука.

Сведокот Зекирија Ибраими на главна расправа на 13 ноември 2020 кој, цитирам:

„На прашање на адвокатот: Г-не Зекирија ни рековте дека сте биле и заменик координатор заедно со господинот Фадиљ и господинот Гаши. Дали може да ни појасните дали како заменик координатор имате право на процедурално јавување на говорница?

Сведокот одговори: Да, знам дека во Деловникот пишува дека координаторот, заменикот или пратеник што е одбран или од пратеничката група ако побараат процедурално веднаш му се дава збор.

На прашање на адвокатот: Дали на седницата продолжението одржано на 27.04.2017 година баравте процедурално и дали излеговте на говорница за процедурално обраќање, ваше лично?

Сведокот одговори: Ако мислите на крајот на седницата да, но јас дента сум имал и други обраќања од говорница, само за таквите не се сеќавам дали биле реплики, говори или процедурално. Ако мислите на крајот на седницата, моето барање беше процедурално.

На прашање на адвокатот: Дали ви беше овозможено тоа?

Сведокот одговори: Да.

На прашање на адвокатот: Дали може да ни кажете што зборувавте во рамки на тоа процедурално на крајот на седницата?

Сведокот одговори: Тука ќе зборувам албански, знаете што се случило. Бидејќи сакам малку да зборувам за да го доловиме контекстот. На 26 април тогашниот претседател на движењето Беса, Билал Хасами даде едно интервју за 24 вести. Прашањето на новинарот било што мисли движењето БЕСА за државната химна. Бидејќи јас повеќето интервјуа му ги подготвував јас сум напишал да каже дека Албанците не се чувствуваат претставени во државната химна. А тој рече дека Албанците не се чувствуваат добро со државната химна или така слично, не ме фаќајте точно за збор, но јас линкот го имам и можам да ви го дадам. Неговата изјава беше причина на 27 април повеќе пратеници од ВМРО да обвинуваат кон СДСМ дека тие ќе соработувале со партија што не се чувствува добро со македонската химна. Бидејќи Билал Хасами беше претседател на партија и не е многу достојно тој да полемизира, место него јас реплицирав со неколку пратеници од ВМРО сега не се сеќавам за појаснување дека ние немаме воопшто против државната химна, туку не се чувствуваме претставени во државната химна. Кон крајот на седницата јас тоа го почувствував како провокација од пратеникот Крсто Мукоски кој излезе на говорница и ја испеја македонската химна, јас тоа го читав како искушение дали ние ќе станеме и ќе ја почитуваме македонската химна. Бидејќи ние станавме секако и ја почитувавме македонската химна јас се јавив процедурално како протест кон тогашниот претседател на Собранието што дозволува на говорницата да се ставаат вакви искушенија или да се провоцираат пратениците Албанци во Собранието. Не се сеќавам точно на тоа што сум го рекол пред да ја испејам химната, но мислам дека било во контекст на тоа дека вие дозволувате од говорницата на Собранието на РМ да се провоцираат пратениците Албанци и дека ако на ваков начин преку химни ние ќе се бориме еве ви ја албанската химна, па да видиме дали вие ќе ја почитувате. Со тоа јас сум завршил и мислам дека тоа беше крајот на седницата.

На прашање на адвокатот: Ни појаснивте поопширно за тоа што било вашето процедурално. Дали ова што ни го појаснивте беше ваша лична одлука или барање од било кој друг?

Сведокот одговори: Тоа беше моја лична одлука.“

Исто така и пратениците Теута Биљали, Фадил Зендели и Африм Гаши од пратеничката група Беса потврдија дека ниту тие лично ниту пратеничката група имале сознание дека Зекирија Ибраими во процедурално ќе ја пеел албанската химна и дека било негова лична одлука.

Сведокот Теута Биљали на главна расправа на 13 ноември 2020 кој, цитирам:

„На прашање на адвокатот: На 27.04.2017 година член од истата коалиција после 17 часот имаше процедурално обраќање каде зборуваше г-дин Ибраими. Дали вие како член на пратеничката група од таа коалиција имавте сознанија што ќе биде процедуралната забелешка од тој правец?

Сведокот одговори: Не.

На прашање на адвокатот: Дали во рамки на Вашата пратеничка група во било кој момент на таа конститутивна седница станало збор за пратеник од истата пеење на албанска химна на говорница?

Сведокот одговори: Не.“

Сведокот Фадил Зендели на главна расправа на 16 ноември 2020 кој, цитирам:

„На прашање на адвокатот: 27.04. – дали имавте сознание дека Вашиот колега од истата партија г-дин Зекирија Ибраими ќе пее нешто од говорница?

Сведокот одговори: Не.

На прашање на адвокатот: Дали воопшто во Вашата пратеничка група за такво нешто станувало збор тој ден или било кога?

Сведокот одговори: Апсолутно не. И јас слушнав како и сите други пратеници во салата.“

Сведокот Африм Гаши на главна расправа на 02 декември 2020 кој, цитирам:

„На прашање на адвокатот: Во ред, дали при некоја координација на вашата политичка партија со Вашите пратеници имавте сознанија дека г-дин Зекирија Ибраими од говорница ќе пее нешто и ако имало договор што?

Сведокот одговори: Не воопшто тоа никогаш не се разговарало, ниту било некоја идеја ниту се размислувало, никогаш.

На прашање на адвокатот: А дали во рамки на вашата пратеничка група се зборувало?

Сведокот одговори: Никогаш, никогаш. Сакам да го објаснам контекстот таа конститутивна седница за да продолжи секогаш пратениците на ВМРО наоѓаа текст на вчерашните вести тоа што било најактуелно да го употребат во своите процедурална и така траеше дебатата, ден претходно имаше една изјава од тогашниот претседател на Беса да во однос на химната несреќно кажано и образложено и тоа стана цел ден, може и од записниците да се види цел ден беше тема на дебата и затоа емотивно од разговорите коишто јас сум ги прашал, затоа што јас се вратив во Собрание откако се случи и бев трогнат од тоа што се случило, неговата изјава искрено беше емотивен момент за да се одбрани политичка позиција.“

Исто така сведочењето на сведоците Сашко Коцевски и Весел Мемеди дека после пеењето на македонската химна од страна на Крсто Мукоски сум му дал одма збор на Зекирија Ибраими е лажен исказ, затоа што после Крсто Мукоски, процедурално имаа тројца пратеници и тоа Антонио Милошоски, Зоран Илиоски и Владимир Ѓорчев, а дури после нив Зекирија Ибраими има процедурално како заменик кординатор на пратеничката група БЕСА, а не дека му е дадено збор за дискусија како што кажува Обвинителството и неговите предложени сведоци.

Ова сево е побиено како со материјални докази изведени на главна расправа на ден 21 август 2020 год. и тоа стенографски белешки од Седници на Собрание на Република Македонија од 27.04.2017 година, како и видеото од собраниската седница од 27 април кое беше репродуцирано.

Како и со сведоците предложени од наша страна кои истакнаа дека пратеникот Зекирија Ибраими земал процедурална забелешка како заменик кординатор и според редоследот на пријавени и тоа на главна расправа на 04 септември 2020 пратениците како сведоци Крсто Јовановски, Магдалена Манаскова, Иван Стоиљковиќ, на главна расправа на 10 септември 2020 год. Илија Димовски, Зоран Илиоски, на главна расправа на 06 ноември 2020 Антонио Милошоски, на главна расправа на 13 ноември 2020 год. Влатко Ѓорчев, на главна расправа на 11 јануари 2021 год. Никола Тодоров.

Делот од обвинението и не го спречил да ја испее химната на Република Албанија е целосно побиено затоа што во тоа време на 27 април пратеник кога збори од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник збори од место има копче кај претседавачот каде што може да го исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниов претседател на Собрание Талат Џафери кој како сведок на главната расправа на ден 08 октомври 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот, адвокат Еленко Миланов: Од 27.04. сте претседател на Собранието и потоа продолжи конститутивната и работата на Собранието. Дали можете да ни кажете откако продолживте со оваа конститутивна седница дали вие како претседател од вашиот пулт имавте техничка можност да исклучите пратеник кој се наоѓа на говорница?

Сведокот одговори: Немаше таква можност ни до 27-ми, ни по 27-ми затоа што таа системска техничка можност беше исклучиво во режијата, по барање од режијата ќе се исклучи говорникот. После тоа јас го вратив системот да бидат кај мене тоа се случи… од говорница го извлеков техничкиот извадок за вклучување и исклучување… да бидат кај мене по укажување, така да до тој момент не.“

Во однос на измената на делот на обвинителниот акт со додавање на зборот „ја заклучува седницата„  би го истакнал следново: од неукост или непознавање на собраниската процедура се прави вакво додавање на зборот ја заклучува седницата и тоа поради следново прво седницата неможе да се заклучи кога уште има пријавено пратеници за збор по точката од дневниот ред чл.80 ст. 5 од Деловникот на Собранието цитирам: Претседателот на Собранието констатира дека претресот е завршен кога ќе утврди дека листата на пријавени пратеници за збор е исцрпена , затворен цитат, на сите им е познато дека уште имаше пријавено пратеници за збор по третата точка што се утврди и од изведениот материјален доказ на ден 26 август 2020год и тоа стенографски белешки од 31 мај 2017 година како и од презентираниот видео материјал од седницата од 27 април и од изведените вербални докази-сведоците, второ согласно чл. 68 ст.4 од Деловникот на Собранието цитирам:  Седницата на Собранието се одржува во времето од 11,00 до 18,00 часот, затворен цитат, јас тој ден на 27 април во 18,01 часот ја прекинав седницата и закажав продолжение за утредента во 11,00 часот што се утврди од изведениот материјал доказ на ден 26 август 2020 год, кој се однесува на стенографските белешки од 27 април и тоа на страна 32 ќе цитирам: Трајко Вељаноски: Тука ја прекинувам седницата , Продолжуваме утре во 11,00 часот ( седницата прекина со работа во 18,01 часот ) затворен цитат а истото ова се утврди и од презентираниот видео материјал од седницата од 27 април и од изведените вербални докази-сведоците. Од сето ова сметам дека од неукост и непознавање на Собраниските правила обвинителството прави грешка односно измислува со додавањето на зборот „ја заклучува седницата„ бидејќи никаде во деловникот не стои заклучување на седница напротив стои прекин на седница во чл. 81 ст.1 , како и завршување на седница во чл.83 од Деловникот.

 

Од сево ова погореизнесено се утврди дека јас ниту преку ред сум дал збор, а ниту сум имал можност да го спречам пратеникот да ја испее химната. И овој дел од обвинението е побиено со материјални и вербални докази.

 

——————————————————————-

Во однос на сведоците кои беа предложени од Обвинителството и дадоа исказ на главната расправа би го изнесол следново:

Исказот на сведокот Сашко Коцевски даден на 11 мај 2020 год. е лажен и побиен со материјални докази, како и со исказите на други сведоци предложени од моја страна.

Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски е лажно сведочење, тој вика дека сум бил член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ што не е точно, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок.

„На прашање на ЈО: Се сеќавате ли во тој период, зборуваме за март-април 2017 година кои беа членови на Извршниот комитет, а кои беа членови на Централниот комитет?

Сведокот одговори: На Извршниот комитет, покрај претседателот Груевски, Зоран Ставревски, Пешевски, Гордана Јанкуловска, Трајко Велјановски, Коце Трајановски, и други.

На прашање на обвинетиот Трајко Велјановски: Сведокот кажа дека мисли, господине Сашко Коцевски вие во вашето излагање кажавте мислам Трајко Велјановски е член на Извршниот комитет, дали сте сигурни дека сум член, водејќи сметка дека согласно со Уставот на РМ , претседател на Собрание не може да биде и член на орган на партија, дали сте сега сигурен дека сум бил член на Извршниот комитет?

Сведокот одговори: Сигурен сум дека е член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ.“

Овој лажен исказ на сведокот е побиен со изведените материјални докази на главната расправа на ден 07 јуни 2021 год., со кој се утврди дека од јуни 2008 година до денес не сум бил член на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок.

Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски дека пратеникот Зекирија Ибраими не бил заменик кординатор на пратеничка група е лажно сведочење, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок

Дека е лажен исказот на сведокот се утврди со изведениот материјален доказ на главната расправа на 21 август 2020 год., а тоа е допис од 23 јануари 2017 за формирање на пратеничка група БЕСА, при што кординатор е Африм Гаши, а заменици кординатори Зекирија Ибраими и Фадил Зендели, заведено во архивата на Собранието под арх. бр 08-327/1 од 23.01.2017, како и од исказот на сведокот Зекирија Ибраими на 13 ноември 2020, цитирам: „Видете значи сме биле двајца заменици, значи и јас и Фадил“; исказот на сведокот Фадил Зендели на 16 ноември 2020, цитирам: „Имаше уште еден заменик, Зекирија Ибраими, значи јас и Зекирија Ибраими бевме заменици.“; исказот на сведокот Африм Гаши на 02 декември 2020, цитирам: „Двајца заменици – Фадиљ Зендели и Зекирија Ибраими.”

Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски дека веднаш после Крсто Мукоски сум му дал збор на Зекирија Ибраими е лажно сведочење, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок.

Дека е лажен исказот на сведокот се утврди со изведените материјални докази на главната расправа и тоа стенографските белешки од седницата од 27 април и видеозаписот од 27 април од кој се гледа дека после Крсто Мукоски, процедурално има тројца пратеници и тоа Антонио Милошоски, Зоран Илиоски и Владимир Ѓорчев, а после нив Зекирија Ибраими има процедурално како заменик кординатор на пратеничката група БЕСА.

Исказот на сведокот Весел Мемеди даден на 15 мај 2020 год. е лажен и побиен со материјални докази, како и со исказите на други сведоци предложени од моја страна.

Сведочењето на сведокот Весел Мемеди дека веднаш после Крсто Мукоски сум му дал збор на Зекирија Ибраими иако пред него биле Џеват Адеми и Артан Груби е лажно сведочење, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок.

Сведокот одговарајќи на обвинителот кажа, цитирам: „Откога заврши химната од страна на Крсто Мукоски, претседавачот Трајко Велјаноски му даде збор процедурално на пратеникот Зекирија Ибраими, иако јас сум убеден дека Џеват Адеми и Артан Груби се пријавија први.

На прашање на бранителот, адвокат Еленко Миланов: „Г-дине Весел кога зборувавте за моментот кога г-дин пратеник Крсто Мукоски ја пеел македонската химна и рековте дека сте виделе како некои други пратеници се пријавиле, но добил збор г-дин Зекирија. Прашањето е: тоа значи дека веднаш по пеењето на химната од Крсто Мукоски го доби зборот Зекирија Ибраими, така?

Сведокот одговори: Господинот Зекирија Ибраими го доби зборот откако заврши со пеењето господинот Крсто Мукоски.“

Дека е лажен исказот на сведокот се утврди со изведените материјални докази на главната расправа и тоа стенографските белешки од седницата од 27 април и видеозаписот од 27 април, од кој се гледа дека после Крсто Мукоски, процедурално има тројца пратеници и тоа Антонио Милошоски, Зоран Илиоски и Владимир Ѓорчев, а после нив Зекирија Ибраими има процедурално како заменик кординатор на пратеничката група БЕСА.

Како и од исказот на сведокот Џеват Адеми на 06 ноември 2020 год., цитирам: „Меѓутоа господинот Ибраими во конечниот список на пријавени за збор беше пред мене“ и исказот на сведокот Артан Груби на 06 ноември 2020 год., цитирам: „После пратеникот Зекирија Ибраими, затоа и се повлеков“.

Исказот на сведокот Александар Василевски даден на 09 јуни 2020 год. е лажен и побиен со материјални докази како и со исказите на други сведоци, за што доставив и материјален доказ и замолувам судот да не му поклони верба на овој сведок.

Сведокот Александар Василевски го кажа следново:

„Прашање на Обвинителството: Кажете уште еднаш да појасните на 27ми, кога бевте во салата горе на 8ми спрат во седиштето на политичката партија, Бришкоска со кого разговараше на телефон и дали можевте да слушнете што точно се разговара?

Сведокот одговори: За Билјана Бришкоска знам дека лично она му даваше насоки на Трајко Велјановски да се отворат вратите на Собранието, а знам дека разговараше и со други лица, како Никола Тодоров, знам дека разговараше и со Илија Димовски, кои беа тогаш во Собрание. Иначе Билјана Бришкоска лично со Трајко Велјановски, а Трајко Велјановски ја известуваше за сè, кажа дека има контакти со Талат Џафери во тоа време, сè што кажав јавноста нека знае, сè што се случи на 27 април се координираше од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и од директорот на УБК.“

Овој исказ на сведокот Александар Василевски е лажен и побиен од вештото лице Мирослав Котески и сведокот Биљана Бришковска.

Вештото лице Мирослав Котески во својот наод а при сослушување го изјави следново, цитирам: „Значи носам заклучок дека телефонскиот број 076 444 406 на Александар Василевски Нинџа бил прикачен на базната станица на ВМРО некаде околу 20-тина минути меѓу 22,19 до 22,40“, а во однос на другиот телефонски број 076 444 406 кажа, цитирам: „Базна станица на ВМРО, каде што на базна станица ВМРО бил прикачен пет минути од 22 часот 08:26 секунди, кога прв пат е регистриран до 22,13  во траење од 5 минути на базната станица на ВМРО за да потоа биде лоцирано според листинзите што ги гледав да се движи во овој дел тоа во период од 22,30 до 23,00 часот.“

Сведокот Биљана Бришкоска на 11 февруари 2021 год. го изјави следното, цитирам:

„На прашање од адвокат: Што можете да ни кажете во врска со одредени тврдења од оваа постапка дека сте се јавиле на обвинетиот Трајко Велјановски да пратеници отворат врати на Собрание од осмиот спрат на седиштето на партијата?

Сведокот одговори: Апсолутна невистина, такво нешто не би можело да се случи, бидејќи периодот којшто го спомнувате, како што кажав и претходно, не сум била во штабот на ВМРО – ДПМНЕ.“

Од исказите на наводните вешти лица Марјан Димовски, Ивана Петковска и Панајот Андреев, дадени на 18 август 2020 год., а предложени од Обвинителството се утврди а и самите лица потврдија дека тие немаа лиценца за вештачење и дека не се запишани во регистарот на вешти лица при Министерството за правда. Исто така потврдија дека иако добиле наредба за вештачење тие изготвиле извештај затоа што не се вешти лица и немаат лиценца за вештачење.

Од сево ова погореизнесено се утврди дека Обвинителството се служи со лажни искази на сведоци и нелиценцирани вештаци, кои се побиени со материјални и вербални докази.

—————————————————

Од сево ова погореизнесено лесно ќе дојдеме до заклучок дека во оваа постапка застапникот на обвинението се обиде своите тези од обвинителниот акт да ги поткрепи со нерелевантни и невалидни доказни средства.

Пред сè, тоа се лажните искази на сведоците кои ги анализирав претходно во мојот завршен збор. Лажните искази на тие сведоци се во спротивност со исказите на повеќето сослушани сведоци во доказната постапка, но и со писмените докази кои судот ги изведе. Посебно ќе укажам дека сведоците кои лажно сведочеа пред почитуваниот суд немаат ниту кредибилитет на угледни личности како што се сведоците кои ја зборуваа вистината. Се работи за лица со криминално досие, или за лица кои немаат релевантни сознанија за настанот, а се обидуваат да коментираат состојби и факти со цел некому со своето сведочење намерно да му предизвикаат штета измислувајќи сопствени теории спротивни на материјалната вистина.

Како невалидни доказни средства ги сметам наодите и мислењата на нелиценцирани вешти лица, кои како такви не смеат да бидат ценети од страна на овој суд при утврдувањето на фактичката состојба.

Затоа го молам почитуваниот суд при утврдувањето на фактичката состојба да го цени секој доказ поединечно, но во корелација со сите изведени докази, па при тоа да не им даде верба на лажните искази на сведоците кои очебијно лажно сведочеа, а на невалидните докази да не ја темели фактичката состојба.

Сумирајќи, во воведното излагање кажав а во доказната постапка со материјални и вербални докази ги докажав вкупно 14 клучни факти на кои се темели мојата одбрана и тоа:

Прво: Конститутивната седница на Собранието ја закажав согласно со Уставот и Деловникот на Собранието на 30 декември 2016 година. За непречен тек на седницата закажав подготвителен состанок на 29 декември 2016 и на состанокот инсистирав да се постигне договор за сите точки од дневниот ред со цел седницата да заврши непречено и во најкус можен рок со почитување на пропишаните процесни правила.

Второ: На 30 декември 2017 година седницата имаше редовен тек по првата и втората точка. По третата точка седницата не можев да продолжам да ја водам бидејќи како претседавач не добив предлог за состав на Комисијата за прашања на избори и именувања потпишан од најмалку 10 пратеници како неопходен и неизоставен услов согласно со чл. 20 од Деловникот на Собранието.

Трето: Неспорно е дека пратеникот Зеќирија Ибрахими во тој парламентарен состав беше заменик кординатор на пратеничката група БЕСА.

Четврто: Неспорно се утврди дека  јас како претседавач на конститутивната седница ниту во јануари, ниту февруари 2018 год., а сè до 17 март немав добиено никакво барање од овластен предлагач за продолжување на конститутивната седница.

Петто: Јас како претседавач закажав и одржав подготвителни состаноци и тоа на 21 и 22 март, и два состаноци на 23 март, а со единствена неспорна цел да се постигне договор за состав на Комисијата за избори и именувања за да можам да продолжам да ја водам конститутивната седница.

Шесто: Конечно, како резултат и врз основа на тие подготвителни состаноци се утврди и се достави предлог за состав на комисијата врз основа на чл. 20 од Деловникот. Тој предлог беше потпишан од 17 пратеници од различни партии и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците и овој предлог е заверен во архивата на Собранието под арх. бр 08-830/1 од 23 март 2017.

Седмо: Согласно со постигнатиот договор на 27 март ја продолжив конститутивната седница по третата точка и по оваа точка од дневниот ред се пријавија за збор голем број пратеници.

Осмо: Јасно е дека поднесениот предлог по член 78 став 2 од Деловникот, од страна на тогашниот пратеник Оливер Спасовски во текот на расправата по третата точка да се премине на расправа по четвртата точка, е неспорно спротивен на Деловникот и дека никогаш ниту пред, ниту по тој кобен 27 април бил применет на таков начин.

Девето: Тој ден некаде околу 13,00 часот пратеникот Зоран Заев на седницата зема збор процедурално и кажа, цитирам: „Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ“.

Десето: Истиот ден по 14,00 часот за време на паузата пратеникот Зоран Заев одржал прес-конференција во прес-салата на Собранието и претходно цитираното јавно го повтори на пресот. Се докажа пред овој суд дека тоа што го кажа пратеникот Зоран Заев јавно, со СМС порака ми беше пренесено од службата во кабинетот на претседателот на Собранието, што е нивна вообичаена и редовна пракса и задача.

Единаесетто: Во истата СМС порака ниту додадов, ниту одземав од содржината и целовита ја препратив до пратеникот Никола Груевски, кој истовремено беше и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Содржината на пораката е ноторна информација позната на јавноста непосредно по одржувањето на наведената прес-конференција.

Дванаесетто: Околу 16,00 часот тој ден добив препратена СМС порака од Никола Груевски, а којашто тој ја добил од Панче Кралев. Содржината на таа порака за мене во тој момент беше без никакво значење и беше нерелевантна бидејќи јас како претседавач знаев дека имаше пријавено голем број пратеници за збор, како и соодветни реплики и контрареплики на мониторот, а веќе го имав добиено формалното барање потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.

Тринаесетто: Околу 17,10 часот дадов куса пауза од 5 минути и на таа пауза заедно со претставниците на политичките партии се договоривме и одлучивме седницата тој ден да трае до 18.00 часот, а да продолжи со работа наредниот ден на 28 април.

Четиринаесетто: Целосна невистина е, а со тоа погрешно е тврдењето на обвинителството дека на пратеникот Зеќирија Ибрахими сум му дал збор преку ред. Напротив неспорно се утврди дека пратеникот Зеќирија Ибрахими беше пријавен за збор процедурално како заменик кординатор, па според редоследот на пријавени добил право кое му следува согласно со Деловникот на процедурална забелешка. Јас, како претседавач, согласно со Деловникот, имав обврска да му дадам процедурална забелешка.

 

 

 

 

 

 

 

Во однос на наводите во завршниот збор на обвинителството кој беше повеќе политички говор, со лична нетрпеливост, насочен кон јавноста а не кон утврдување на вистинската фактичка состојба која треба да биде цел и на обвинителството како државен орган би го истакнал следново:

Во однос на наводот на обвинителството: Обвинетите изготвиле план, улогата на Трајко Вељаноски била по секоја цена да се спречи избор на ПСРМ

Мојот одговор е следен: Ниту еден доказ изведен во постапката пред овој суд не укажува дека јас како претседавач сум направил било што за да се спречи избор на Претседател на Собрание. Напротив од бројните докази произлегува дека вложував напори започнатата седница да заврши побргу во согласност со деловничките правила.

Во однос на наводот на обвинителството: дека била дополнета одредбата чл.78 ст.2 од Деловникот  во 2010година

Мојот одговор е следен: морам да укажам дека оваа одредба постоела откако постои Деловник во Собранието а во 2010 година е додадено само следново цитирам:  “Образложението за предлогот е во траење од три минути“

Во однос на наводот на обвинителството: Се наведува Миле Јанакиески и Спиро Ристески од самиот почеток вклучени во организација на протестите на Заедничка Македонија  а Трајко Вељаноски редовно бил информиран

Мојот одговор е следен: Наполно погрешно и произволно креиран заклучок на обвинителство бидејќи јас немав никаква комуникација со Миле а со Спиро комуникацијата беше за инспекцискиот надзор и за ништо друго, а тоа лесно се утврдува од изведениот материјален доказ на 7 јуни оваа година.

Пред дадам објаснување во однос на цитираните пораки сакам на судечкиот совет да му укажам дека овие и многу други пораки беа цитирани од обвинителството и во првиот предмет кога бев само сведок, незнам до кога обвинителството ќе ги злоупотребува пораките.

Во однос на комуникација на 24 февруари 2017 со Димитар Стевананџија би сакал да го истакнам следново:

Се работи за пораки извлечени од контекст на мојата вообичаена неформална комуникација со пратеникот Димитар Стевананџија. Тоа се пораки од 24.02.2017, во време кога воопшто немаше никаква иницијатива за продолжување на седницата

Во однос на комуникација на 27 февруари 2017 со Димитар Стевананџија би сакал да го истакнам следново:

Исто како и претходната комуникација од 24 февруари што ја имав со овој пратеник, и оваа е извлечена од контекст. Имено, во конкретниот случај, станува збор за неформална комуникација со пратеникот која се однесува на сосема друга тема, односно на локалните политички состојби во Прилеп, градот во кој живее господинот Стевананџија. Најдобар доказ во врска со овој неспорен заклучок е фактот дека во деновите кога сме ги разменувале пораките со господинот Ставананџија, не постоеше никаква иницијатива од било кој центар за продолжување на собраниската седница, што значи дека, оваа комуникација на ниту еден начин не може да се доведе во корелација со подоцнежните настани во Скопје.

Во врска со комуникацијата од 27 февруари 2017 година со Оливер Шамбевски, би сакал јасно да подвлечам дека, исто така, станува збор за неформален, аналитички разговор помеѓу двајца соговорници, сопартијци кој се однесува на прашањето на формирањето на влада. Во конкретна смисла, разговорот се однесува на тешкотиите за формирање на влада кои се резултат на изедначениот број на пратеници што го имаа двете најмногубројни политички коалиции застапени во Собранието, а во тој момент не постоеше никаква иницијатива од било кој центар за продолжување на собраниската седница, што значи дека, и оваа комуникација на ниту еден начин не може да се доведе во корелација со подоцнежните настани.

Во однос на комуникација на 28 февруари 2017 со Димитар Стевананџија би сакал да го истакнам следново:

Ова е уште еден од моите неформални разговори со Димитар Стевананџија. Ниту оддалеку комуникацијата не упатува на тоа дека станува збор за некаков тип на разговор за незаконити активности. Напротив! Станува збор за поддршка на слични политички ставови. Во оваа смисла, јасно напоменувам дека ова е разговор од 28.02.2017 година, период кога воопшто не постоеше, ниту се насетуваше дека ќе има некаква иницијатива за продолжување на седницата на Собранието.

Во однос на комуникација на 28 февруари 2017 со Дејан по прекар Јабуче би сакал да го истакнам следново:

Се работи за обичен неформален разговор со млад пријател кој зборува за некакви локални меѓупартиски збиднувања во Ѓорче Петров. И овој разговор е од 28.02.2017год кога воопшто немаше никаква иницијатива за продолжување на седницата на Собранието и никако не е поврзан за Собранието

Во однос на комуникација на 18 март 2017 со Димитар Стевананџија би сакал да го истакнам следново:

уште еден неформален разговор извлечен од контекст, но се единствена тема за локални меѓупартиски препирки во Прилеп а остварен во средината на месец март 2017

Во однос на комуникација на 19 март 2017 со Дејан по прекар Јабуче би сакал да го истакнам следново:

Уште еден неформален разговор со младиот пријател, локален партиски активист, кој пријателски ме информира за случувањата и активностите во Ѓорче Петров

Во однос на сите пораки заедно, сакам јасно да подвлечам дека станува збор за пораки од крајот на февруари 2017 година а некои средината на март односно за комуникација која се одвивала 60 дена а некои 40 дена порано од настаните кои се случија на 27 април 2017 година. Оттаму, самата тема на смс разговорите, како и времето во кое тие се одвивале (2 месеца пред 27 април), упатува на единствениот можен заклучок: дека станува збор за погрешна интерпретација  и обид за доведување на поранешна комуникација со некои идни настани.

Во однос на наводот на обвинителството: Трајко Вељаноски знаел дека се пее албанската химна

Мојот одговор е следен: читањето на стенографските белешки 4 години по настанот, кога целата јавност е информирана дека се работи за пеење на албанската химна е нешто што не може да се спореди со конкретниот момент кога ниту јас, па ниту огромно мнозинство од македонските граѓани сме знаеле дека е тоа албанската химна.

Во однос на наводот на обвинителството: послем Влатко Ѓорчев  за процедурално бил Панчо Минов

Мојот одговор е следен: Се работи за креирано тврдење на обвинителството кое не е во корелација со докази. Процедурално збор се дава според редоследот на пријавување, а тоа е евидентно од материјалните докази како и од исказот на сведокот Панчо Минов даден на 04 септември 2020, кој јасно кажува дека не бил пријавен.

Во однос на наводот на обвинителството: Трајко Вељаноски не го исклучи Зекирија Ибраими

Мојот одговор е следен: Ова е уште едно креирано тврдење небазирано на докази. Ова пред судот беше објаснето од сегашниот Претседател на Собранието кој прецизно потврди дека е невозможно исклучување на говорник од говорница. Со оглед на краткото траење на пеењето на химната и незнаењето за што станува збор, немало време ниту за исклучување преку режија

Во однос на наводот на обвинителството: Дека јас и Спиро Ристески сме имале интензивна комуникација од 11,33 до 11,36 и затоа сме знаеле дека ќе има шатори

Мојот одговор е следен: Почитувани, овие наводи на застапникот на обвинението се најгруба демонстрација на сила и омраза кон мене како личност со цел преку невистина да ми се нанесе болка, а во јавноста да бидам претставен како злосторник.

Сепак верувам дека овој суд ќе изврши правилна оценка, и уште еднаш внимателно ќе го прочита транскриптот од цитираните пораки со Спиро Ристоски и ќе се увери дека тоа што беше кажано во завршниот збор на обвинителството, благо кажано, не соодведствува со вистината, бидејќи комуникацијата од тие пораки е службена на тема образование и никаква врска нема со собраниската седница, со протестите или со било што од немилите настани, ниту пак за шатори, чадори или други реквизити.

Во однос на наводот на обвинителството:  Што направи тој за евакуација на неговите колеги и вработените,  ништо тој се грижел за неговиот кабинет и неговото столче а тоа се гледа од пораките со Горан Ѓошевски негово лично обезбедување.

Се работи за креиран заклучок на застапникот на ОЈО. Јас како пратеник и претседавач сум постапувал согласно безбедносните стандарди. Заштитата на пратениците е регулирана со посебни правила според кои други служби имаат активна улога.

Во однос на наводот на обвинителството: Се се знаело и однапред испланирано само не се знаел датумот

Мојот одговор е следен: Креиран заклучок на ОЈО кој не е поткрепен со никаков доказ.

Во однос на наводот на обвинителството: Во САД сите конгресмени евакуирани, Мајк Пенс застанал во одбрана на уставот а на Трајко Вељаноски единствена грижа му е неговиот кабинет и неговото столче

Мојот одговор е следен: Можеме да зборуваме за различни случувања во многу светски парламенти, но овој суд има задача да ја утврди фактичката положба врз основа на оценка на сите докази поединечно и во склоп на една доказна целина. Столчињата на Трајко Вељаноски, но и на сите други функционери во секој случај се од времен карактер, но не се тема на оваа постапка.

Ако случувањата во Конгресот на САД на било каков начин се поврзуваа во овој судски процес, тогаш пред судот ќе беа изведувани докази на таа тема. Меѓутоа заклучокот на обвинителството не коренсподира со ниту еден доказ. Недозволиво е судската кривична постапка  да се користи за лична јавна промоција, ниту пак во постапката пред судот да се коментираат настани врз основа на медиумски известувања. Пред се тоа е несериозен и непрофесионален пристап во вршењето на одговорната јавнообвинителска функција. Како таков е насочен само кон моја јавна дискредитација, што не смее да биде улога на обвинителот во постапката согласно ЗКП. Затоа го молам почитуваниот суд при одлучувањето особено да ги почитува одредбите од членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права и да ги занемари политичките тиради пласирани од застапникот на обвинението, и да одлучува непристрасно врз основа на правилна оценка на доказите.

За сите други наводи на обвинителството дадов одговор во својот завршен збор

 

Почитувани членови на Судскиот совет,

почитувани претставници на медиумите и невладините организации,

на крајот сакам уште еднаш да се заблагодарам на Судечкиот совет за начинот на водење на постапката, но и на медиумите за благовременото и точно информирање на јавноста за текот на постапката по овој обвинителен акт. Исто така сакам да се заблагодарам и на невладиниот сектор кој постојано го следеше овој процес, како и на претставниците на меѓународната заедница.

Денес пред вас многу опширно елаборирав за обвинителниот акт кој уште еднаш ќе потенцирам не е базиран на опширна и детална истрага туку брзоплето е поднесен со цел во јавноста спектакуларно да се прикаже дека се најдени некакви организатори на немилиот настан.

За таа цел обвинението е поткрепено со изјава на дежурниот лажен сведок на Обвинителството, лице кое е веќе осудено за овој настан Александар Василевски – Нинџа и кој во неколку наврати опишува различни верзии на настанот во кој учествувал.

Со 46 сведоци, поранешни и сегашни пратеници (пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА, АЛТЕРНАТИВА, СПМ, ДПС, ЛДП, ПЕИ), како и со 28 материјални докази докажав дека ништо од тоа што ми се става на товар со обвинителниот акт не е точно, односно се работи за паушални наводи и очекувам од Судечкиот совет да донесе ослободителна пресуда, а обвинителството во соработка со меѓународен фактор да продолжи со темелна истрага и да ги утврди евентуалните организатори за овој настан.

Почитувани членови на Судскиот совет,

почитувани претставници на медиумите и на невладините организации,

со ова мое поопширно излагање, уверен сум дека успеав на најдобар можен начин да ги демантирам сите обвиненија кои неосновано ми се ставаат на товар.

За мене, во целава тешка состојба во која бев доведен, сепак е сатисфакција фактот дека големиот број сведоци – во целост го потврдија она што го тврдам во текот на постапката. Во таа смисла, чувството на остварување на правдата е дотолку поголемо бидејќи сведоците, независно од фактот дали се од владеачките или од опозициските партии; дали сме биле политички противници или политички сојузници или дали се високи државни функционери или административни службеници – застанаа на страната на вистината, на правдата и на чесноста!

Уверен сум дека со 46-те сведоци – поранешни и сегашни пратеници, како и со 28-те материјални докази, докажав дека ништо од тоа што ми се става на товар во обвинителниот акт не е точно, односно дека е крајно паушално.

Тоа е така, затоа што се покажа дека обвинителниот акт не е темелен на опширна и детална истрага, туку е поднесен со цел во јавноста да се создаде перцепција дека се пронајдени и обвинети група на лица како наводни организатори, а темелено само врз основа на една изјава дадена од страна на дежурниот лажен сведок на Обвинителство, лице кое е веќе осудено за овој настан – Александар Василевски викан Нинџа.

Конечно, јас независно од сите трауми и последици, убеден сум дека ќе победат вистината и правдата, и понатаму исправено ќе продолжам да чекорам низ животот, силно потпирајќи се, како и секогаш до сега, единствено врз личната чесност, човечкото достоинство и вербата во Бога.

Ви благодарам за можноста да се обратам и Ви благодарам на вниманието.