Евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за весникот Независен вели дека Македонија мора да биде свесна дека доколку го одбие договорот со Грција за името, тогаш ќе треба да ги врати поканите од НАТО и ЕУ. Изјава која до сега не ја искажал ниту еден политичар или претставник на Унијата, а која потсетува на атмосферата од времето на Информбирото. Пораката е таква – или си со нас или си против, а во спротивно следуваат санкции. Во овој случај доколку не се прифати договорот со Грција треба да биде жртвуван цел еден народ. Денешен доби потврди дека тоа што Жбогар го рекол, е точно, односно нема никаква грешка во превод. Значи, станува збор за политика спрема Македонија, која, според Жбогар, не смее да не го прифати договорот.
-Признавам, пред сè, дека ова е многу тешка одлука. Не е лесно, таа е емоционална и знам од претходно што значи таа и низ што поминаа граѓаните. Но, договорот е тука и секако, за нас како меѓународна заедница, важно е да бидеме внимателни што ќе кажеме бидејќи оваа одлука треба да биде донесена овде, од политичарите и од граѓаните. Ние можеме само да набљудуваме и да охрабриме за вистински одлуки, но тие треба да бидат донесени тука. Во исто време, свесен сум дека има извесни сили, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, кои не го почитуваат договорот толку многу, но и други со силни ставови за поддршка на НАТО и ЕУ-интеграцијата.
Не е лесна одлуката ниту за едните, ниту за другите, ниту за партиите, ниту за луѓето. Секој, едноставно кажано, има две опции како да гледа на ситуацијата. Можете да бидете против договорот, да мислите дека е лош и дека не треба да биде прифатен, но во тој случај имате две обврски. Првата е да презентирате алтернатива на него, реалистична, подобра опција и договор кој има шанси да го прифати другата страна. Ако одбивате нешто, треба да кажете што е решението, поради сериозноста на одлуката. И втората обврска е да прифатите дека во случај да го одбиете договорот, ќе треба да ги вратите НАТО и ЕУ-поканата. Патот ќе запре тука. Треба да се размисли за овие две опции – вели Жбогар во интервјуто.