Наместо да се гравитира кон метрополата, последниве години се повеќе станува тренд таа да се замени со друго живеалиште, а неретко тоа е токму Дојран кој ги плени скопјани со чистиот воздух и погледот на Езерото што нуди мир и спокојство. И колку што веќе не е невообичаено Скопје да се замени со Дојран, како редовно и единствено живеалиште, така расте бројот на животни приказни на луѓе кои го продолжиле својот пат на југот, а  секоја од нив е различна и посебна. Таква своја приказна си има и брачниот пар Јовески, и двајцата скопјани со долгогодишни корени во метрополата, кои пред шест години го избрале Дојран за свое трајно престојувалиште.

 

Марина Јовеска раскажа за МИА дека одлуката да се преселат засекогаш со својот сопруг Слободан во Дојран, ја донеле без некоја особена тешкотија, иако претходно почесто го посетувале Охрид кадешто 30 години имале и приколка.

-Дојдовме во Дојран во јануари 2020 година, пред пандемијата. Изнајмивме апартман во поранешното одморалиште на “Бучим” во Стар Дојран, без да знаеме дека ќе има пандемија и кога се појави короната дојдовме тука. Потоа по две години се преселивме во Николиќ, кадешто купивме и куќа, вели Марина и додава дека веќе шест години се во Дојран, а пред неколку години станале и официјално жители по лична карта.

Таа вели дека короната не била пресудна за да се преселат, решението претходно го донеле бидејќи повеќе не можеле да го издржат интензивниот живот во Скопје и преголемото загадување.

 

– Причина за селидбата не беше толку ни возраста. Јас се уште не сум пензионерка, имам уште пет и пол години до пензија, додека сопругот е одамна во пензија, тој е 20 години постар од мене. Но тука едноставно си го најдовме нашиот дом. Тука луѓето се помеки, потопли, погостопримливи, насмеани, ведри. Можеби југот е таков, и мислам дека тоа ни беше пресудно да се одлучиме за Дојран. Едноставно, на југот е топло и такви се и луѓето, раскажува Марина.

Таа додава дека во главниот град живееле и во куќа и во стан, и на плац, па затоа во Николиќ не им претставувало проблем да живеат во куќа.

– Од Скопје заминавме иако имавме имот и во Трнодол, кај Козле и во Карпош, но ништо од тоа не ни беше важно. Ние сме и двајцата родени скопјани, со традиција, посебно од страната на мајка ми. Преку двеста години, сите од нејзината лоза се скопјани. Меѓутоа ова сега што го гледаме не е нашето Скопје и ние заради тоа најмногу се преселивме, вели резигнирано Марина и раскажува дека таму одат само да ги завршат најосновните обврски и да си ги посетат роднините на еден ден, но веќе истиот ден и си заминуваат.

Скопје за жал, сега на се личи, само не на нашиот град што го познававме, вели Јовеска.

– Поради пренаселеност и загаденост, ние си заминавме. Наглата непланска урбанизација му ги смени ликот и душата на градот. Сега знам да се пошегувам и да им кажам на моите пријатели во Скопје дека ние овде кога дојдовме никој не не познаваше, но секаде бевме први. И кога тие ќе ме прашаа како така секаде сме ги научиле, односно запознале сите луѓе, јас велев – бидејќи нема многу луѓе. Одиме на регистрација и не си прв во редот, но си втор или најмногу трет. А во Скопје за се нешто ти требаат врски за секоја обврска што би требало да ја завршиш нормално и регуларно – смета таа.

 

Но, без да го идеализира кое било место за живеење, Марина ги посочува и недостатоците и сериозните пропусти на малите места, а меѓу нив за најсериозен го издвојува здравствениот систем.

– Здравствените услуги овде не се развиени, мора да патуваш во друг град за да ги завршиш овие потреби. Тоа го забележуваме како голем пропуст, но и тука најдовме некоја среќна околност, па со матичниот доктор кај кого се водиме имаме доста добар однос, достапен е во секое време за да не сослуша. Што се однесува до Дојран како туристичко место, секако дека е голем минус. Кога ме прашуваат што му фали на Дојран, јас тоа го ставам на прво место и велам – доктор. Ако се претендира да биде сериозно туристичко место, мора да има доктор, а не само во текот на еден месец, кога бројката на туристи е поголема. Но, не е потребата само за летните месеци, бидејќи сите сме сведоци колку се гради во Дојран последниве години, десеттици згради се издигнаа и уште има во изградба, а становите се веќе купени и тоа најмногу од жители од Скопје, како нас, посочува Јовеска.

 

Брачниот пар Јовески си ја пронашле среќата во Дојран, најмногу, како што велат, поради тоа што го достигнале мирот и блискоста што ја нема во главниот град, еден со друг да може да се направи муабет, релаксирано, без брзање и притисок, да си остварат блиска комуникација со секого.

– Уште има комшиски муабети овде како порано, го имаше тоа и во Скопје, но сега го нема. Според нас, сега е лудост да живееш во Скопје ако немаш обврски, како на пример деца кои треба да ги школуваш, или пак ако си вработен во главниот град, па да мора таму да седиш. Од почетокот на новиот милениум мислам дека се се измести во Скопје. Го нема тоа што го имаше порано – додава Марина.

 

И сопругот Боби ги ужива придобивките од природните убавини на Дојран, посебно поради кревкото здравје.

-Да бев во Скопје јас сега ќе бев заборавен, одамна. Во Скопје имам многу пријатели и сите истото ме прашаа – како можеш да отидеш и на село да живееш. Им велам дека ми се бендиса и еве тука сум, но кога ќе дојдат сите се воодушевуваат на природата, езерото, погледот, воздухот… – објаснува тој и додава дека поодамна преживеал два мозочни удари, но откако е тука многу му е подобро.

Тоа го увидела и сопругата, која смета дека климата и сонцето, а, најмногу од се чистиот воздух, особено му одговараат.

 

– Си најдовме занимација, си купивме тезга на дојранското шеталиште, каде што во деновите кога има туристи продаваме стари работи, антиквитети. Странските туристи – Срби, Бугари и Грци ни се најредовни купувачи, нашите домашните туристи послабо. Кога ќе ги видат работите велат – јас овие ги фрлив од дома, па сега пак ли да ги купувам, насмеано раскажува Марина.

Во останатиот период од годината Јовески се ангажирани околу куќата и дворот, а се што одгледуваат, велат, настојуваат да е природно, без користиње ѓубрива.
– Во другите месеци се занимаваме по дома, чуваме неколку кокошки, имаме мала бавчичка за наши потреби, со патлиџан и пиперки. Од претходниот сопственик на куќата во наследство ни останаа две прекрасни мандарини кои секоја година ни даваат богат род, имаме и дрво маслинка. Лани ни даде 60-70 килограми маслинки, ги направив и ги продавав овде на шеталиштето. Така што цело време имаме по некоја активност, вели Марина.

Боби, пак, е задолжен да прави јаболков оцет, од домашната јаболкница, која и годинава дала богат род, па успеал да произведе околу 70 литри.

Роза ШУЛЕВА за МИА