Министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев тераа партиска кампања и изори само до пред десетина дена, и ги убедуваа граѓаните да излезат на попис, дека е безбедно, сега препорачуваат „седи дома“ и без групирање за престојните верски празници.

Искуството покажа дека угостителските објекти се места каде и покрај препораките, превентивните мерки не се почитуваат. Гостите не држат дистанца и има групирања. Затоа, нивното целосно затворање е добра мерка, особено сега, во пресрет на празниците, сметаат надлежните.

-Мислам дека е добра ваква мерка во пресрет на празниците. И тоа беше главниот концепт околу кој дискутиравме – дали треба да имаме радикална мерка и сериозно да го намалиме притисокот пред некои настани кои се сериозен ризик, а по две недели можеби за угостителските објекти некои други препораки. Сепак, искуството покажа дека тоа се места каде и покрај тоа што има препорачани мерки, дистанца, сепак има групирање и непочитување на тие превентивни мерки. И затоа е таа препорака. Сакаме на некој начин, да го намалиме притисокот кон здравствениот систем, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.

За евентуални промени во однос на мерката, напомена, ќе се анализираат бројките и податоците за сите градови поединечно како што се прави секоја недела.

-Не смее да се дозволи експлозија и создавање кластери за празниците, посебно во ваква ситуација кога системот е оптоварен со бројни пациенти по болниците, потенцира Филипче.

Според директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, и по една година од пандемијата, се уште има угостители, но и граѓани кои не ги почитуваат протоколите.

Инспекциските служби од 29 март од 4 април спровеле вкупно 5.236 надзори и контроли.  Само пазарните инспектори извршиле над 4.500 контроли и надзори при што изрекле 34 прекршочни пријави, 91 решение и 43 платни налози. Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколите, два во Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово. Во овие угостителски објекти не се почитувало работното време или бројот на гости, односно ограничувањето на гости на една маса. Во сите случаи е изречена забрана за вршење дејност, односно тие се затворени на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози.

Од Нова година до сега се затворени преку 78 објекти поради непочитување на протоколите.