Кандидатот на албанската опозиција за престојните претседателски избори Блерим Река ќе биде прв на избирачкото ливче, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, а трет е кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.
Во Државната изборна комисија денеска беше спроведено жребувањето за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче. Бројчињата ги влечеа претставниците на нивните изборни штабови, кои исто така потпишаа Кодекс за коректно однесување на престојните избори со цел да има коректен натпревар меѓу сите учесници.
Членот на ДИК, Борис Кондарко упати апел до кандидатите да се придржуваат кон членот 68 од Изборниот законик, во кој е детално дефинирано што се се подразбира по кампања, од која тие треба да се воздржуваат до нејзиниот официјален почеток, на 1 април.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски потсети дека вчера комисијата донела заклучок за потврдување на кандидатите кои ќе учествуваат на изборите, откако беше утврдена регуларноста на нивните кандидатури и нагласи оти тоа значи дека тие и официјално се во изборната трка.
В понеделник ќе се спроведе ждребувањето за редоследот на кандидатите за градоначалници на Охрид, Ново Село и Дебар.