Познатиот новинар и поранешен косовски пратеник Милаим Зека за албанската телевизија Топ чанел изјави дека е лажна информацијата за можен обид за атентат врз премиерот на Косово Албин Курти.

Според него, да било тоа вистина, Курти немало да се појави пред новинарите.

– Албин Курти деновиве отиде во С. Македонија и креираше лажна вест дека српско-руските сили против него подготвувале обид за атентат, пренесувана преку Јавната радио и телевизија на Косово. Доколку постоела реална закана по животот на премиерот, прво не би смеел да излезе пред новинари, ќе се изврши замена на автомобилот со кој се движи и ќе се смени патот на враќање во Косово, вели Зека.

Според него, Курти преку овие лажни вести се обидува да ја поттикне опозицијата во Македонија против Али Ахмети.

– Овој човек се обидува преку овие лажни вести да ја поттикне тамошната опозиција против Али Ахмети, неспорниот лидер на Албанците во Македонија, ја повика парламентарната опозиција да не гласа за Али Ахмети, кога се формираше влада со првиот албански премиер Талат Џафери, двајца министри беа разрешени поради флагрантно мешање на Албин Курти во внатрешната политика на Северна Македонија, рекол Зека за телевизијата.

РТК објави дека на косовскиот премиер Курти му се заканувал атентат за време на неговиот престој во Скопје, каде учествуваше на регионален состанок на сестринските партии на Партијата на европските социјалисти.

Фото: принтскрин(Топ чанел)