Реорганизацијата на извршната власт доби зелено светло и го помина првиот собраниски филтер. Со 74 гласа „ЗА“ пратениците ја изгласаа потребата од рефморма на владините институции предложени од мандатарот Христијан Мицкоски. Тој ја побара поддршката од сите 120 народни избраници за да се исполни ветувањето дадено кон граѓаните за Влада која ќе испорача реформи и резултати. Со законските измени, Мицкоски предлага трансформацијата на постоечките ресори, укинувањетна агенциите и дел од јавните претпријатија, за да се дојде до ефикасна извршна власт.
„Суштината на овој предлог е реформи во администрацијата, а со цел да ги решиме реалните проблеми на граѓаните со ефикасни политики со одлуки кои ќе донесат подобар животен стандард, повисоки плати, повисоки пензии, подобро образование, ефикасна социјална заштита, развиена економија и земјоделие. За да го направиме ова ни треба добра организација на владата и затоа поднесувам предлог на Законот за измени на законот за организација и работа на органите во државната управа по скратена постапка, рече пратеникот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој даде образложение на измените на Законот за организација и работа на органите во државната управа кој во Собрание по скратена постапка“.
За да не се губи време, предлог законот оди по скратена постапка. Спикерот Гаши вели дека уставните рокови за формирање Влада се многу кратки и затоа не треба да се одолговлекува
„За итноста зборуваше мандатарот. И јасно нѝ е дека се работи за итноста да се формира влада, а ние имаме нов закон кој е реформски. Затоа, мислам дека нѝ е јасно“, рече спикерот Африм Гаши.
Сепак опозициските пратеници се против планот. Немале доволно време да видат што точно тој содржи па затоа денеска гласале против:
„Не навлегувам во аргументите, предлогот, легитимноста, ама тука апсолутно станува збор за сложен и обемен закон кој е спротивен на деловникот на којшто се однесува и ние гласаме за симнување на оваа точка од дневниот ред“ вели Спасовски, пратеник од СДСМ.
„Како очекувате сега пратениците да се изјаснат за нешто толку важно кога ние најпрво не можеме да стигнеме да го разгледаме првиот предлог, а сега ниту вториот и немаме појма каде е измената“, кажа пратеникот од Левица, Борислав Крмов.
Против гласаа и дел од пратениците на Европскиот фронт, кои не ја пропуштија приликата да кажат дека тие биле легитимниот претставник на македонските Албанци. Претходно, на координативна средба, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ ги известил сите колеги за измените кои ги предлага партијата и согласно тоа побара да се исполни ветувањето кон граѓаните.
Законските измени за организација на државната управа по скратена постапка треба да поминат две комисии. За политички систем и законодавно-правната. Расправата на комисиите може да трае најдолго три дена, по што предлог законот треба да се стави на гласање на пленарна собраниска седница. За да биде изгласан, законот треба да добие поддршка од две третини од вкупниот број пратеници во парламентот.