Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, по средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на својата прва посета на Брисел, изјави денеска дека Украина е подготвена на преговори со Русија и спроведување на договорот од Минск.
– Руската агресија останува голем предизвик за евроатлантската безбедност, рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина ќе го продолжи својот пат кон европската и евроатлантската интеграција.
Претседателот на Украина изјави дека примарна цел на земјата е спроведување на внатрешните реформи кои ќе ја приближат Украина кон НАТО.
Зеленски се сретна и со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, а утре ќе има средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.