Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Крим, полуостровот кој Русија го анектираше во 2014 година, ќе мора да и биде вратен на Украина преку дипломатски канали, а не преку воена сила.

Во интервју за „Фокс њуз“, снимено во Украина додека бил во воз, Зеленски нагласи дека Украина не може да си дозволи да изгуби толку многу животи што би биле потребни за воена опсада на Крим.

– Веќе спомнав дека сме подготвени дипломатски да го вратиме Крим, рече Зеленски и додаде дека Украина „не може законски да признае кој било окупиран дел од Украина како руски“.

Тој рече дека не е сигурно дека Крим може „да се врати со оружје“.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, руските трупи окупираа околу една петтина од територијата на Украина и прогласија анексија на четири украински провинции, иако Москва целосно не контролира ниту една од нив.

Зеленски предложи формула за мир и предлог за неговиот „план за победа“ врз основа на повлекување на руските трупи од Украина.