Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби барањето на германскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер, да го посети Киев утре заедно со другите европски политичари, пренесува Билд.
Штајнмаер моментално се наоѓа во посета на Полска, каде со претседателот Анджеј Дуда разговарал за последиците од руската инвазија на Украина.
Според извештај на германскиот Билд, Штајнмаер планирал утре да отпатува во Киев со претседателите на Естонија, Летонија, Литванија и Полска.
Меѓутоа, Зеленски го одбил неговото барање, како причина наведувајќи ги поранешните блиски врски на Штајнмајер со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тоа што порано заговарал блиски економски руско-германски врски.
– Сите знаеме за блиските врски на Штајнмаер со Русија, кои се наречени Штајнмаерова формула. Тој моментално не е добредојден во Киев, ќе бидиме дали тоа ќе се промени еден ден, изјавил анонимен украински дипломат за Билд.
„Штајнмајерова формула“ е назив на предлог од 2016 година кој го изнесе тогашниот министер за надворешни работи со цел да стави крај на застојот во преговорите меѓу Украина и Русија за мир во источна Украина.
Обидите пропаднаа откако ниту Москва ниту Киев не се придржуваа до договорот од Минск.
Како што пренесува Гардијан, Штајнмаер потврдил дека Украина го отфрлила неговото барање да се сретне со Зеленски во Киев.
Тој рекол и дека сака да патува во Киев за да „испрати силна порака за европската солидарност со Украина“.
– Очигледно е дека не сум посакуван во Киев, изјавил Штајнмајер.