Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Чекерс – имотот што традиционално го користат британските премиери во Бакингемшир, на разговори со премиерот на Велика Британија, Риши Сунак.

Зеленски, како што објави Би-Би-Си, во Чекерс пристигна со хеликоптер од типот „чинук“ – масивно летало со две елиси, каде што беше срдечно пречекан од британскиот премиер. Сунак на својот твитер-профил објави фотографија од моментот на дочекот, на која двајцата се прегрнати, покрај која напиша:

– Добре дојде назад!

Посетата на Зеленски на Велика Британија, која претходно не беше најавена, доаѓа по неговите посети на Рим, Берлин и Париз, во обид да издејствува дополнителна воена помош од западните сојузници за конфликтот со Русија. Велика Британија минатата недела соопшти дека ќе му достави на Киев крстосувачки ракети со долг дострел како поддршка на украинските сили во нејзината офанзива против руската војска на територијата на Украина.

Во изјава, која ја пренесува Гардијан, британскиот премиер вели:

– Ова е клучен момент во отпорот на Украина кон ужасната воена агресија што тие не ја избраа и не ја испровоцираа. Ним им е потребна постојана поддршка од меѓународната заедница за да се одбранат од налетот на немилосрдни и недискриминирачки напади кои се нивна секојдневна реалност повеќе од една година. Не смееме да ги изневериме, вели Сунак.

Пред пристигнувањето во Велика Британија, украинскиот претседател во објава на Твитер напиша дека со Сунак ќе одржат суштински преговори.

– Обединетото Кралство е лидер кога станува збор за проширување на нашите способности на земја и во воздух. Оваа соработка ќе продолжи и денеска. Ќе се сретнам со мојот пријател Риши. Ќе водиме суштински преговори лице в лице и на ниво на делегации, објави Зеленски на својот официјален профил на Твитер.

Денеска Велика Британија објави дека ќе испрати во Украина стотици нови беспилотни летала со долг дострел од над 200 километри.

Шефот на кабинет на украинскиот претседател Андриј Јермак, како што пренесува Гардијан, изјави дека на дневен ред на средбата меѓу Зеленски и Сунак ќе биде и потенцијалното членство на Украина во НАТО.

Зеленски го посети Лондон во февруари, кога имаше средба и со кралот Чарлс Трети и се обрати во британскиот Парламент во Вестминстер.