Украинската победа е неизбежна, но невозможно е да се предвиди кога војната ќе заврши, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање до јавноста доцна синоќа.
– Многу градови и заедници сè уште се под привремена контрола на руската војска. Но, не се сомневам дека е прашање на време кога ќе ја ослободиме нашата земја, подвлече украинскиот претседател.
Според Зеленски, нема едноставен одговор на прашањето кога Украинците ќе ги победат Русите. Победата и мирот, нагласи тој, ќе дојдат побрзо, како што истакна, доколку секој Украинец се бори.
– Кога ќе победиме, сите ќе го почувствуваат тоа. Кога ќе дојде мирот, сите ќе го видат. Но, за да дојде до тоа и да се случи побрзо, треба да не размислуваме за тоа кога и како ќе биде. Мораме секој ден да размислуваме околу тоа како да го направиме уште понеподнослив престојот на окупаторот на нашата земја, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател смета дека за Русија да бара мир, секој Украинец мора да се бори.
– Тие мора да ја бранат слободата. Затоа што секој ден борба сега додава година мирен живот откако ќе заврши оваа војна, заклучи Зеленски.