Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера од Њујорк побара воспоставување на специјален суд за воените злосторства на Русија, но Брисел претпочита да се користат постоечките законски рамки, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова го изјави денеска портпаролот на Европската Комисија, Кристијан Виганд, на новинарско прашање кој е ставот на Комисијата за ова барање на Зеленски.
– Свесни сме за повикот за специјален суд, Европската Комисија верува дека сега вниманието треба да биде на поддршка за отчетност дома, за справување со ѕверствата во Украина важно е да се искористат постоечките рамки, рече Виганд.
Виганд исто така истакна дека постои Меѓународниот кривичен суд за гонење на воени злосторства, но Украина сѐ уште не го ратификувала Римскиот статут на овој суд.
– Ја охрабруваме Украина да го ратификува Римскиот статут за да му се овозможи на Меѓународниот кривичен суд да ги гони злосторствата на агресија и оние кои сториле ѕверства да одговараат, рече портпаролот.
Украина го потпиша Римскиот статут во 2000, но никогаш не го ратификувала.