Украинскиот претседател Володомир Зеленски пристигна со доза разочараност и незадоволство на дводневниот Самит на НАТО кој се одржува во Вилнус, Литванија, бидејќи во овој момент тој не гледа подготвеност за повик на неговата земја во алијансата, иако голем дел од земјите-членки ја поддржуваат неговата земја за членство во НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во изјава за медиумите кажа дека Украина треба да добие јасна и позитивна порака од самитот во Вилнус, но пред се, мора да се осигураат дека Украина ќе победи во војната против Русија, бидејќи доколку Украина не надвладее како суверена држава, нема да постои дискусија за членство.

„Затоа треба да ги запознаеме временските рамки и задачите, а првата, воедно и најзначајна задача е да се осигураме дека Украина ќе надвладее, а претседателот Путин нема да победи во оваа војна“, рече Столтенберг.

Засега се уште не се знае каква ќе биде иднината на Украина кога станува збор за членството во најмоќниот воен сојуз – НАТО алијансата. Иако источноевропските земји и балтичките земји константно бараат усвојување на временска рамка за влез на Украина во алијансата, САД и Германија се уште имаат забелешки за владеењето на правото во земјата и борбата против корупцијата.

На дводневниот самит на НАТО, покрај Зеленски, од украинска страна присуствуваат и други украински функционери, меѓу кои и министерот за одбрана на земјата Олексиј Резников.