Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека е „тешко да се каже“ дали ризикот од руска употреба на нуклеарно оружје е зголемен по последните успеси на украинската војска, но дека останува убеден дека рускиот претседател Владимир Путин нема да преживее таква ескалација на непријателствата.
Зборувајќи со претставници на меѓународниот истражувачки центар од Сиднеј, Зеленски преку видео врска рече дека на Русите им е „тешко да контролираат се што се случува во нивната земја, исто како што не контролираат сè што имаат на бојното поле“.
Зеленски, исто така, рече дека Путин разбира дека „светот никогаш нема да прости руски нуклеарен напад“.
„Тој разбира дека по употребата на нуклеарно оружје, повеќе нема да може да си го зачува својот живот, убеден сум во тоа“, рече Зеленски.
Украинската војска во последниве денови повторно зазеде делови од територијата анектирана од Русија минатата недела, а Путин предупреди дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за да ја спречи Украина да ја врати контролата врз областите.