Позицијата на Бугарија е за прием на РС Македонија во ЕУ без алтернатива. Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно РС Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат.
Ова го изјави претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков во изјава за медиумите по средбата со претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Тој ги поздрави и им се заблагодари на македонските пратеници за, како што кажа, „јасно изразената позиција поврзана со членство на РС Македонија во ЕУ и консолидирањето на јасно мнозинство за уставните промени“.
-Јасно е дека има мнозинство но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла дека државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. За нас е важно дека позицијата на Бугарија е за прием без алтернатива на РС Македонија во ЕУ. Во таа смисла минатата година бугарскиот Парламент усвои декларација со која го усвои Францускиот предлог, некои тоа го нарекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис, тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот Парламент, истакна Желјасков.
Тој информираше дека со Џафери разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и изрази надеж дека на следната средба ќе бидат одбележани уставните измени и почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.
-Истакнавме дека довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека за РС Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста, но ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии. Затоа и нашата посета денеска е израз на нашите најдобри намери, на нашето пријателство, затоа што нашата иднина е нашиот ангажман кон идните генерации, истакна Желјасков.
Му се заблагодари и на претседателот Џафери за, како што рече, „неговиот мудар и принципиелен став, и им посакувам на сите политичари во Македонија да го следат тој пример“.
-Изборите доаѓаат и поминуваат, но интересите на луѓето остануваат непроменети, а тоа се интересите во мир и во благосостојба да ги раснат своите деца, своите внуци и тоа е нашата порака и кон нас и кон нашите македонски колеги. Ако ја имаме добар политички еко систем благосостојбата ќе се зголемува, а гаранција за тоа е постојаната трговска размена која надминува една милијарда евра, и исто така ќе ја постигнеме посакуваната поврзаност што е дел од подобрената дигиталната комуникациска Европа, рече Желјасков.