Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготвува нов закон за пасишта. Веќе се изработени два драфт предлога од кои треба да произлезе конечното решение.
Драфт верзиите ќе се разгледуваат следната недела, за што е веќе формирана работна група.
Како што вели министерот Љупчо Николовски во интервју за МИА, земјава располага со околу 500.000 хектари пасишта, но од нив се искористени многу мал процент. Државата ниту наплаќа, ниту пасиштата се ставени во функција. Актуелниот Закон, пак, кој ја регулира оваа материја, датира од 1998 година.
-Ние имаме Закон за пасишта од 1998 година. Затоа, паралелно со другите нови, еворпски закони, работиме и на концептот за законот за пасишта. Има две драфт верзии. Формирана е работна група и следната недела ќе ги презентираме, ќе ги разгледаме и ќе треба да одбереме. Станува збор за 500.000 хектари површина во државата. Не може да не ги користиме тие површини. Засега се искористени неколку проценти од 100 отсто од пасиштата. Државата ниту наплаќа, ниту пасиштата се ставени во функција. Тука има некој судир – дека некој ќе биде оштетен, дека ќе се бунат сточарите или некој друг. Јас го чувствувам интересот кај луѓето за да ги добијат пасиштата во високопланинските средини, да инвестираат, да произведуваат храна. Но, сега не можат ниту да склучат договор, ниту може да добијат поддршка, ниту можат да добијат пари од ИПАРД, ниту можат да инвестираат сопствени средства.Тој процес навистина треба да се среди, да биде отворен и транспарентен, истакнува Николовски.
Според него, за 500.000 хектари пасишта, земјава треба да добие европски субвенции во иднина, но мора да има закон.
– Клучно е да ги дефинираме постапките – што правиме со пасиштата. Тоа ни треба и од аспект на ЕУ зашто таму субвенциите ќе ги добивме по површина. Ние, за 500.000 хектари пасишта, треба да добиме европски субвенции како држава ама треба да имаме закон, дециден е Николовски.
МИА во сабота ќе го објави целосното интервју со министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Тој беше вицепремиер за борба против корупцијата во владата на Зоран Заев, која ја отпочна со запленување на канти путер со поминат рок, а потоа често на прес-конференции и други јавни настапи изјавуваше дека се води борба и дека е намалена корупцијата во Македонија.