Модерно, конкурентно земјоделство со млади, перспективни фармери кои ќе ги следат новите технологии. Одржливо производство, додадена вредност, современа механизација, примена на квалитетен семенски материјал, рационално наводнување, повисок квалитет и концепт согласно барањата на пазарот. Развиени рурални средини.

Вакви се проекциите за македонскиот агросектор што редовно (како флоскули) ги повторува секој ресорен министер. Но, каква е реалната состојба…

Изминува уште една година од скоро трите децении самостојност на државата, а земјоделството како сè уште да се соочува со истите проблеми. Како да тапка во место. Субвенции, по некој протест, исплаќање интервентни поддршки (кои, како по дефиниција, за владејачките структури се „во вистинско време“, а според опозицијата „популизам“), реакции и контра реакции…

Последните статистички податоци, за периодот јануари – октомври 2019 година, покажуваат дека извозот на земјоделски производи бил 312.720.000 килограми или 230.229.000 евра, а увозот достигнал 222.001.000 килограми или 103.748.000 евра. За споредба, во истиот период во 2018 година извозот изнесувал 315.656.000 килограми или 228.914.000 евра, а увозот 272.221.000 килограми или 126.955.000 евра, во 2017-та сме извезле 298.196.000 килограми или 237.805.000 евра, а сме увезле 290.360.000 килограми или 126.005.000 евра, додека во 2016 година извозот бил 354.446.000 килограми или 228.713.000 евра, додека увозот 261.980.000 килограми или 139.431.000 евра.

Ако се направи генерален, груб осврт на случувањата, може слободно да се каже дека 2019 година не донесе „ништо посебно“ или подрастично што би ја издвоило од претходните во изминатите две – три децении.

Состојбата во првите шест месеци беше „млака“. Почна да се вжештува дури во периодот јули – август.

На 1 јули Љупчо Николовски му ја предаде функцијата министер за земјоделство на неговиот дотогашен шеф на кабинет Трајан Димковски, кој извесно време, пред да го наследи Николовски, беше и раководител на Секторот за рурален развој во МЗШВ. Речиси секаде го придружуваше Николовски. На прес-конференцијата кога и официјално беше соопштено дека ја презема функцијата, Димковски најави дека ќе ги продолжи почнатите проекти во Министерството.

На 31 јули беа доделени првите персонализирани платежни картички за „зелена нафта“. Од село Кравари, Битолско, премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство Димковски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски порачаа дека со оваа мерка 55.000 земјоделци, градинари, полјоделци, лозари и овоштари ќе добијат вкупно 200 милиони денари. Со картичките земјоделците можат да купуваат исклучиво „евродизел“ гориво од сите бензински пумпи на „Макпетрол“. Договорот за „зелената нафта“ со АД „Макпетрол“ беше потпишан на 15 јули.

Август ќе се памети по алармот за африканската свинска чума, кој ги „дигна на нозе“ надлежните, ветеринарите, ловџиите и фармерите. Африканска чума демнеше од Бугарија, а потоа се појави и во Србија. Превентивно, мерките за заштита беа подигнати на максимално ниво. На први август се донесе Одлука за отстрел на диви свињи. Решението почна да се реализира од 13 август. Во меѓувреме, се забрани внесување свинско месо и преработки при влез од Бугарија, а од 12 август стапи во сила и забраната за увоз на месо, месни преработки и живи свињи од Србија, каде што болеста истиот ден и официјално беше потврдена. АХВ наложи и задолжително лабораториско испитување на вирусот на африканска чума кај секоја увозна пратка од свинско месо, производи и преработки од свинско месо, мешовити производи што содржат свинско месо и други производи од свињи, како и нуспроизводи и деривати на нуспроизводи од свињи. Пратките не се пуштаа во промет сè до добивање на резултатите од лабораториските испитувања што се вршеа на Факултетот за ветеринарна медицина.

Август беше и „месец на антраксот“. Се појавија нови случаи. Официјално, болеста беше присутна во 22 т.н. дистрикта. Всушност, тоа и не беше ништо ново, зашто антракс во земјава има подолго време. Но, опозицијата ја искористи ситуацијата. Реагираше остро, со обвиненија против надлежните дека прикриваат информации. Бараше оставка од директорот на АХВ, Зоран Атанасов. Тој, пак, возврати дека ВМРО-ДПМНЕ во стилот на шпанска серија, без крај ги дезинформира граѓаните. Антраксот, објасни, не е никаква новина, го има подолго време. Како и за бруцелозата, се преземаат континуирани мерки за заштита и се спроведуваат предвидените вакцинации.

На 16 август Косово забрани увоз на компири и мед од Македонија. Објасни дека всушност се работи за реципрочна мерка како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово.

Во текот на месецот не стивнуваа реакциите на лозарите. Традиционално, околу откупната цена на грозјето. Седнуваа на заедничка маса со претставници на винарските визби и на Министерството за земјоделство, но тешко доаѓаа до решение. Здружението „Напредни лозари“ бараше 16 денари за килограм „смедеревка” и денар повеќе за „кратошија”, а Националната федерација на фармери (НФФ) предлагаше 17 денари за „вранец“ и 16 за „смедеревка“. Апелираше и на договорно производство согласно Законот за земјоделство, на банкарска гаранција од откупувачите, како и на исплата на откупено грозје најдоцна до 31 декември 2019-та за годинашниот откуп. На 6 септември МЗШВ соопшти дека се исплатени над еден милион евра дополнителната интервентна мерка за предадено грозје на лозарите. Агенцијата за финансиска поддршка исплати околу 66,2 милиони денари (над еден милион евра) на 6.240 лозари за дополнителната субвенција од еден денар за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби.

Пред почетокот на новата производствена сезона им беа исплатени девет милиони евра на 15.208 лозари за основната субвенција за одржување лозови насади. Државата го исплати и долгот што некои визби го имаа кон лозарите за предадено грозје во 2014 и 2016 година. Им се исплатија над еден милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари.

На 4 септември беа потпишани договори со 11 општини (Македонски Брод, Новаци, Сопиште, Берово, Виница, Чешиново – Облешево, Велес, Крушево, Пласница, Дебар и Кратово) за реализација на капитални инфраструктурни проекти преку Програмата за рурален развој. Почна реализацијата на проектите вредни 1,5 милион евра од кои се очекува подобрување на локалните патишта, на канализациската инфраструктура, на партерното уредување, изградба и реконструкција на мостови…

Октомври беше одбележан со протестниот марш на овчарите, кој заврши пред Владата. Причина за маршот, како што изјави тогаш за МИА претседателот на „Агроцентар“, Митко Јанков, беа ненавремената исплата на субвенциите и нецелосното исполнување на барањата испорачани пред една година.

– Протестот се одржува поради глувоста на Владата за сточарите и нема никаква политичка заднина. Од една страна, нашите барања искажани во декември лани се само делумно исполнети, а од друга, субвенциите не се исплаќаат навреме, туку повторно, пред избори. Доста ни е веќе од таква политика, независно кој е на власт, рече Јанков.

Наспроти ваквите тврдења, власта беше убедена дека протестот е политички мотивиран зашто во првите редови беше Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен директор на Инспекторатот за земјоделство.

Годината продолжи. Во ноември беше донесена одлука за два денара дополнителна поддршка на лозарите и тоа не само за две, туку за неколку сорти грозје. Беше објавен и повикот за поддршка на жените земјоделци, кој предвидува по максимум 3.000 евра за секој апликант.

Во декември почна повратот на средствата за персоналниот данок на доход на земјоделците. До 31 декември 17.000 земјоделци треба да добијат 80 милиони денари.

Во текот на оваа, 2019 година беше потпишан и Договорот за втората фаза од проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар“ (во март, додека министер беше Николовски), најавен како значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24,3 милиони евра. Се донесоа и измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште, кои овозможија изградба на објекти за промоција на земјоделските производи и објекти за спортско-рекреативни активности, а првпат одгледувачите на пчели добија можност да земат државно земјоделско земјиште и тоа со намена за поставување пчелни семејства. Младите земјоделци, пак, до 40 години се ослободија од плаќање закупнина во првите три години од склучувањето договор за закуп. Се исплатија и 106 милиони денари за индустриско јаболко. Целта на оваа интервентна мерка беше да се покријат загубите на овоштарите поради проблемите со откупот и да се ублажат последиците од временските непогоди во изминатиот период.

Годината беше заокружена со информацијата што ја соопшти директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, неполна недела пред Нова година, на последната средба со новинарите. Бабовски рече дека буџетските средства за субвенции се реализирани преку 99 отсто.

Речиси на самиот крај, пак, на 30 декември, во Министерството за земјоделство беа потпишани првите договори од вториот повик за млади земјоделци кои почнуваат земјоделска дејност. Неповратната поддршка е максимум 10.000 евра за апликант, а следниот повик што се очекува да биде објавен наскоро, ќе биде проектиран на двојно повисока сума, до 20.000 евра.

Со оглед на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април 2020, до утре на полноќ треба да биде избрана новата техничка влада, а тоа за ресорот земјоделство подразбира нов, технички, заменик министер. За оваа функција е предложен Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

МИА