Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска во Њујорк, во рамките на неговото учество на 70-тата сесија на Комисијата за статусот на жените на Обединетите нации (CSW70) присуствуваше на два значајни настани.

Имено, на покана на Делегацијата на Европската унија при Обединетите нации, заменик-министерот Димитровски присуствуваше на затворен состанок посветен на операционализацијата на одредбите за Жени, мир и безбедност во рамките на Партнерствата за безбедност и одбрана што Европската унија ги има воспоставено со своите партнери, меѓу кои е и нашата земја.

На состанокот се разговараше за зајакнување на соработката во имплементацијата на оваа агенда, можностите за придонес на земјите партнери, унапредувањето на регионалната соработка и размената на добри практики.

Во своето обраќање, заменик министерот ги претстави националните напори и достигнувања во спроведувањето на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, вклучително мерките за зголемување на учеството на жените во секторот за безбедност и одбрана, како и активностите за интегрирање на родовата перспектива во процесите на одлучување.

Исто така, во рамките на учеството на CSW70, нашата земја настапи и како ко-организатор на паралелен настан одржан во партнерство со Република Молдавија, Шведска, Чешка и UN Women, посветен на зајакнување на пристапот на жените до правда и поддршката за жртвите на родово базирано насилство.

Настанот обедини претставници на влади, меѓународни организации и експерти со заедничка цел, да се пронајдат поефикасни начини преку кои правните системи ќе можат да одговорат на потребите на жените кои се соочуваат со родово базирано насилство.

Беа споделени конкретни искуства и практики насочени кон унапредување на законските механизми, зајакнување на меѓуинституционалната соработка и поголемо вклучување на приватниот сектор, со цел превенција на насилството и создавање средина во која жртвите се слушнати и заштитени.

На двата настани беше потенцирано дека насилството врз жените останува едно од најраспространетите, но и најмалку пријавени прекршувања на човековите права, и дека градењето правда достапна за секоја жена мора да остане заеднички и непоколеблив приоритет на државите и институциите.

Учеството на заменик-министерот Димитровски на овие настани претставува уште една потврда за посветеноста на нашата земја кон унапредување на родовата еднаквост, зацврстувањето на партнерството со Европската унија и доследното следење на меѓународните стандарди и вредности.