Трговската војна со САД само ќе ја зајакне Кина и никогаш нема да ја фрли на колена, објави „Женмин Жибао“ весникот на кинеската Комунистичка партија.

– САД не се искрени за продолжување на преговорите со Кина, затоа ја нарушија атмосферата на преговори со неодамнешните чекори, истакнува „Женмин Жибао“.

Кина тврди дека има контрола над економијата поради трговската војна иако најновите бројки покажуваат дека е забавен растот на продажбата и индустриското производство.

Во коментарот во „Женмин Жибао“ се истакнува кинеската одлучност да ги заштити националните интереси и дигнитетот на земјата која е „цврста како карпа“.

– Трговската војна на може да ја урне Кина. Тоа само ќе не зајакне. Секакви видови на бури сме виделе, Кина во својата историја долга 5.000 години наишла на секакви препреки. Пред ураганот стојат 1,4 милијарди Кинези со самодоверба и издржливост, истакна весникот на кинеската Комунистичка партија.
Трговска војна меѓу САД и Кина се одвива со взаемно зголемување на царините за увоз.

Пекинг во понеделникот најави дека од 1 јуни ќе воведе царини до 25 отсто на 60 милијарди американски долари  увоз од САД, како одговор на претходната одлука на Трамп, со која се зголемени царините од 10 на 25 отсто на кинескиот увоз во вредност од 200 милијарди долари.