Во Демир Капија се одржа регионална јавна трибина за важноста на учеството на жените во носењето одлуки на локално ниво

Регионална јавна трибина за важноста на учеството на жените во носењето одлуки на локално ниво, се одржа во Демир Капија, беа присутни жителки од неколку села од оваа, но и од општините Росоман и Градско, како и претставници од трите локални самоуправи. Од средбата беа донесени неколку заклучоци, да се настојува да се подобри теренската комуникација помеѓу институциите и населението, воведување на различни начини за граѓанското учество во носење на одлуки да биде еднакво за сите, вклучување на жени во месните заедници каде што се одлучува за решавање на проблемите на заедницата.

– Настанот е во рамките на проектот ,,Жените го превземаат водството во локалните заедници”. За да се доближиме до една таква реалност, мораме да им дадеме шанса на жените да се вклучат во носењето одлуки во средините во кои живеат, беше кажано на трибината.

Организатор на настанот беше Организацијата на жени ,,Женско лоби” од Демир Капија. Менче Николова, програмска раководителка на Организацијата, на настанот информираше дека благодарение на иницијативите на женските совети, локалните самоуправи прифатиле дел од нивните барања.

Жителки од три општини во Вардарски регион организирани во 11 женски совети, ги презентираа резултатите од делувањето и решавањето на повеќе проблеми што го засегале населението во различни села. Тие споделија искуства од тоа како се организираат и како успеваат да решат одреден проблем во заедницата.

Спасијка Стошиќ од росоманско Сирково, рече дека овде, жените се вклучиле во комуникацијата со институциите. Во изминатиот период тие идентификувале неколку приоритети и решиле дел од проблемите на заедницата.

– Најголем ни беше проблемот со превозот и го решивме на наша иницијатива. Општината воведе и ни субвенционира превоз. Одење до Кавадарци и враќање, не чинеше околу 900 денари, сега само сто денари – сподели таа.

Добиле и детски реквизити, а ги барале со петиција што ја потпишувале во локалната продавница, но се собирале и потписи од куќа во куќа.

– Има и доста проблеми. Некои жени од стереотипи не можат да си кажат што мислат и не можат да присуствуваат на некои средби во селото. Во нашата селска месна заедница сме две жени. Би било добро да има и повеќе, рече Стошиќ.

Марија Митева од демиркаписко Бистренци, сподели дека со петиција и собир, пред околу пет години го решиле проблемот за детска градинка.

Јасминка Петрушевска од Ногаевци, општина Градско како активистка во Организацијата, говореше за придобивките од вклучувањето на жените во селото, во решавањето на локалните проблеми.

Стефанија Соколовиќ како советник за локален економски развој при Општина Демир Капија, предложи институциите повеќе да се доближат до мештаните во месните заедници, да има директни средби.

Гоце Величковски, координатор за еднакви можности на жените и мажите при Општина Росоман, беше дециден дека еднаквоста е најбитна за развојот на општеството. Тој додаде дека позитивна работа е што не се решил превозот само за Сирково туку и за другите села во општината. Веќе припремале анкетни листови со кои ќе ги посетеле сите домови, со цел мештаните да се изјаснат кои се проблемите и колку се задоволни од нивно решавање во изминатиот период и со тоа Општината планирала да се подобри вклученоста на жените во креирањето на идните локални одлуки.

Активноста беше во рамките на проектот

што организацијата на жени „Женско Лоби“-Демир Капија го спроведува во партнерство со Фондацијата Kvinna till Kvinna, Акција Здруженска од Скопје и Хуманитарното здружение„ Мајка“ од Куманово.

– Активностите се насочени кон зајакнување на теренската мрежа на активни жени преку надградување на знаењата и вештините на жените од 11 рурални заедници за јавно застапување и преговарање со релевантните институции на локално ниво, појасни Николова.

Проектот е финансиран од страна на Европската Унија и шведската амбасада.

Фото: ОЖ ,,Женско лоби” Демир Капија