Легендарниот италијански фудбалер Џанлука Вијали почина на 59-годишна возраст по долго боледување како последица на рак на панкреасот, потврди денеска неговото семејство.
– Со неизмерна тага објавуваме дека Џанлука Вијали почина. Опкружен со семејството почина синоќа по петгодишна борба со болеста, соочен со храброст и достоинство. Им благодариме на многумина кои со години го поддржуваа со својата љубов. Неговиот спомен и пример вечно ќе живеат во нашите срца, соопшти семејството на Вијали.
Здравствената состојба на легендарниот италијански фудбалер се влоши во октомври и беше хоспитализиран во Лондон.
Својата импозантна кариера како фудбалер ја почна во Кремонезе, по што со голем успех настапуваше за Сампдорија, Јувентус и Челзи. Кариерата ја заврши во лондонскиот премиерлигаш, каде беше и шеф на стручниот штаб, а во кратката тренерска кариера го предводеше и Ватфорд.
За италијанската репрезентација одигра 59 натпревари и постигна 16 голови.