Институтот за јавно здравје од 22 до 28 јули регистрирал 78 нови случаи на ковид, од 263 тестови.
Откриени се варијантите Омикрон JN.1 (кај 23 примероци) и XBB (кај 9 примероци). Регистриран е и еден смртен случај, а стотици можеби се заразени без да се тестираат.
Александар Петличковски, претседателот на Институот за имунобиологија кој е претседател на Комисијата за заразни болести, вели дека ќе се размисли за одлука за забрана на посета во болници.
„Кај нас и натаму е во сила препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за посета по болници, донесена за време на сезоната на грип. Со оглед дека има зголемен број на ковид случаи, веројатно ќе се обнови таа препорака. Случаите главно се со поблаги симптоми“, изјави Петличковски во изјава за „Локално“.
Симптомите на новите видови на ковид вклучуваат назална конгестија или течење на носот, воспалено грло, замор, главоболка, кашлица, губење на вкус и мирис, болки во мускулите или телото, треска, како и гадење или повраќање.