Во периодот од јануари до март годинава, бројот на туристи во Грција се зголемил за 38,3 отсто, додека пак приходот за земјата од туризам бележи пораст од 64,3 проценти, покажуваат податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во првите три месеци од 2026 година Грција ја посетиле 3,4 милиони туристи, наспроти 2,5 милиони во истиот период лани, а драстично се зголемени, за 84,3 отсто пристигнувањата преку копнените гранични премини, додека пак преку аеродромите има зголемување од 18,8 проценти.
Од земјите-членки на ЕУ, Грција ја посетиле 1,8 милиони туристи (намалување од 51,5 отсто во споредба со истиот период лани), додека од останатите земји има зголемување за 26,2 проценти, достигнувајќи до 1,6 милиони посетители.
Во однос на приходите од туризмот, бележат раст од 64,3 отсто во споредба со истиот период во 2025 година, достигнувајќи 1,68 милиони евра, пораст што се должи како на зголемените приходи и од жители на земјите од ЕУ, кои пораснаа за 66,4 отсто (на 825,2 милиони евра), така и на зголемувањето на приходите од жители на останатите земји за 65,2 проценти кои изнесуваат 842,2 милиони евра.
Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра. МИА




