Откако Венко Филипче го искара директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери за изјавата дека тој издејствувал укинување на ПЦР тестовите и изолацијата за тие што доаѓаат од странство и најави можно негова смена, се огласи и самиот Зибери. Тој смета дека како кандидат за пратеник има право на својот приватен Фејсбук профил да искаже и политички ставови и смета дека не ја злоупотребил инситуцијата со која раководи. На министерот Филипче му возврати да не ја користи владината говорница за изборни препукувања.

„Министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен Фејсбук профил да имам и политички ставови при тоа во ниту еден момент не злоупотребувајќи ја институцијата која ја водам како што за жал прави министерот Филипче со ваквите изјави со изборна позадина.“ – изјави Арбен Зибери – Дикретор на Центар за јавно здравје – Скопје.

Зибери е второрангиран на листата на ДУИ во првата изборна единица, веднаш по носителот Изет Меџити. Директорот на ЦЈЗ, исто така, му е внук на Насер Зибери, кого ДУИ вчера го номинираше за кандидат за премиер, а токму мотото на партијата за овие избори е дека време е идниот Премиер на државава да биде Албанец.