Најмногу снег има наврнато на Попова Шапка каде утринава до седум часот висината на снежната покривка изнесува 85 сантиметри, додека во Маврово и Лазарополе се наврнати 26 сантиметри.
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, во Пожаране се наврнати 17 сантиметри снег, а во Претор четири сантиметри.
Најстудено утринава е во Попова Шапка каде се измерени -6 степени, по што следуваат Скопје-Зајчев Рид, Лазарополе и Маврово со -2 , -1 степен е измерен во Крушево, нула во Скопје-Петровец, Охрид, Претор, Прилеп и Берово, 1 во Битола, Крива Паланка, Струмица, Гевгелија и Куманово, 3 во Дебар, 4 во Виница, Штип и Демир Капија.
За денес се најавува облачно време со пообилни врнежи од дожд. На повеќе места ќе наврнат над 25 л/м2, а локално и над 40 л/м2 воден талог. На планините и на повисоките места ќе се формира нова позначителна снежна покривка. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно преку целиот ден со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Состојба на патиштата
Иако метеоролозите најавуваа снег токму за денеска, институциите повторно потфрлија пред снегот.
Утрово автопатот Скопје- Тетово – Гостивар речиси е целосно под снег, особено снег има на превојот Стража каде автомобилите едвај се искачуваат.
Јавното претпријатие Македонија пат кое е надлежно за чистење и одржување на патиштата низ земјава очигледно и денеска беше изненадено од снегот, а особено од тоа што е викенд и неработен ден.
Додека снегот сам не се стопи, возачите единствено е да се молат на Бога кога тргнуваат на пат…
Од претпријатието инаку утрово објавија дека „дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни“, додека сликата на терен е сосема поразлична.
Забрани на повеќе патни правци
Автомото Сојузот на Македонија информира дека поради обилни врнежи од снег, забрани за сообраќај на тешки моторни возила има на следниве патни правци:
Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража
крак Маврово – Жировница
Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека
Битола – Ресен преку планинскиот премин Ѓавато
Струга – г. п. Ќафасан
На патниот правец Тетово – Попова Шапка, забраната важи за тешки товарни возила, камиони и автобуси.
За останатите типови на возила, на овие правци задожителна е употреба на зимската опрема.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.