Жителите на Дебар со радост ја примија денешната вест дека е излекуван и последниот случај со „Ковид-19“, чиј втор контролен тест се покажа негативен.

-Тоа значи дека во моментот во Дебар нема заболени од Ковид-19“. Не дека е добра туку предобра вест, прво за пациентот секако, а и за сите нас кои пополека со се подобрите вести дека повеќе од две недели нема ново заразени,послободно дишеме,вели дебранката Јованка Василевска, пензионер.

-Знаете на почеток кога се појави веста за болеста не обзеде чувство на страв, потоа како што се наголемуваше бројот на заразени тоа прерасна во паника, па потоа во навика, која сепак не притискаше во душата, со прашање кој ќе биде следниот и кога ќе заврши сето ова, ни рече во телефонски разговор Арбана Ќормемети, професорка во дебарската гимназија.

Додаде дека сега може полесно да дишеме,но мерките и препораките треба и понатаму да се почитуваат.

Во првиот, како што самите дебрани го нарекуваат македонски Вухан, поради зголемиот број заразени на 13 март беше воведена кризна состојба, која траеше еден месец. Во градот можеа да влегуваат единствено возила, кои вршеа дотур на храна и лекови, а жителите на Дебар не можеа да го напуштат градот. Сето тоа строго го контролираа полициските пунктови поставени на „Бошков Мост“ на влезот од Маврово и кај ХЕ „Глобочица“ на влезот од Струга.

Истото важеше и за жителите на општина Центар Жупа, од каде беа и првозаразените, сопружници од селото Баланци, кои беа прво дијагностицирани, на 27 февруари, по нивното пристигнување од Италија, каде што биле во посета на нивните деца. Во оваа општина други заболени немаше.

Во изминатиот период во Дебар и Центар Жупа, како што информираше раководителот на Работната единица за јавно здравје, Ментор Меља, епидемиолог, направени се 270 тестови на сомнителни случаи, од кои позитивни биле 51. Оздравени се 47, а починати четворица, од нив тројца мажи од Дебар и жена од Центар Жупа.

Веста дека повеќе нема новозаболени од коронавирус претходно ја соопшти градоначаланикот на Дебар Хекуран Дука.