Кога некој ќе почине во Тетово, покрај со тагата, блиските од семејството на православните се соочуваат со вистински предизвик околу погребувањето поради комплексната состојба со православните гробишта во градот.

На гробиштата што се наоѓаат помеѓу населбите Поток и Дреновец одамна нема ниту нови ниту стари слободни места за погребување. Постојат одреден број стари гробови на семејства кои не живеат во Тетово, па тие од човек на човек со документи де факто се предаваат како подарок, но де јуре се продаваат. Во неофицијални разговори со жителите на Тетово станува збор за износи и од илјадници евра.

Од 2007 година како нова локација за православните гробишта, поради недостигот од слободни места, е одредено државно земјиште во селото Фалише, кое е на пет километи од градот. Сепак, тоа место се избегнува од жителите на градот поради неуреденоста и непостоењето основна инфраструктура. Околу земјиштето е поставена само ограда, кратка патека со бехатон-плочки, има импровизирана чешма и еден контејнер.

Најчеста слика таму се стотината гробови кои се обраснати со трева. Во периодов израснатите диви растенија и трева се толку високи што не може да се пристапи до гробовите. Луѓето треба прво со раце или со некој предмет да ги тргнат или да ги откорнат растенијата, па да поминат и да пристапат до надгробните споменици. Некои од луѓето дури и се откажуваат да пристапат до гробовите, плашејќи се да не наидат на змии, па се откажуваат од намерите. Има примери и на семејства кои самите го уредиле просторот околу надгробниот споменик на починатиот роднина.

– Ова е една ливада и ништо повеќе. Нема каде да се засолнат луѓето сега од сонцето и топлото. Нема ниту тоалет, далеку од достојно е ова место, велат луѓето кои ги затекнавме на гробиштата за посета на гробовите на починатите.

Некои од семејствата кои имаат починати, поради ваквата ситуација се обидуваат решението да го најдат со погребување во други села во тетовската околина.

Дополнителен проблем за тетовци е што не постои и капела, па починатите пред погребот се чуваат дома. Објектот за капелата почна да се гради во 2015 година. Четири години подоцна објектот однадвор личи дека е готов. Луѓето кои живеат во непосредна близина тврдат дека комплетно е завршен, но сè уште не се пушта во употреба.

– Беа донесени коморите за чување на починатите лица. Поставуваа и клима-уреди. И толку, друго не сме виделе, велат соседите.

Гробиштата и капелата ги раководи Јавното комунално претпријатие Тетово. На прашањата упатени до нив зошто не се уредени гробиштата, одговорија дека работат според можностите. За прашањето кога би се пуштила во употреба капелата нè упатија да побараме одговор кај повисоките инстанци во Општина Тетово.

– Во програмата за работа имаме предвидено динамика за да се опслужуваат гробиштата кај Фалише. Ние секојдневно добиваме повици и барања од граѓаните дека има потреба да се интервенира таму. Како комунално претријатие ќе се обидеме да им излеме во пресрет на жителите и почесто да се врши средување, косење на тревата и слично. Сепак, тоа ќе биде во рамките на можностите и средствата со кои располагаме, информираат од ЈКП Тетово.

Како во неколку наврати досега од комуналното претријатие најавуваат дека следна фаза која се планира за да се работи на гробиштата во Фалише од инфраструктурно значење е соодветен натстрешник за да имаат луѓето каде да се засолнат од сонце и дожд, како и да извршат одредени подготовки околу спроведувањето на верските обичаи и ритуали при погребите или посетите на спомениците потоа. Според нив, ќе има стотина квадратни метри покриен простор, од кои 80 квадрати ќе бидат оспособени за потребите на семејствата.

Дали е изградена капелата со сите неопходни елементи како ладилник, простор за покојник и слично, дали е извршен технички прием на објектот, кога и како ќе почне да се користи и дали ЈКП Тетово понатаму ќе раководи со неа или ќе има промена на правниот субјект, беа прашањата кои ги упативме до Општина Тетово, од каде што е добиен одговор само за едно од нив.

– Капелата ќе биде пуштена во употреба штом ќе се направи технички прием од лица надлежни по ова прашање, со оглед на тоа дека е готова и се доработуваат деталите, гласи одговорот од канцеларијата за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.

Мештаните во близина на старите гробишта го потенцираат и проблемот со постојаното собирање смет. Местото е прометно, па луѓе од разни места низ градот поминувајќи оставаат отпадоци, но и градежен шут, кабаст отпад и слично.

МИА