Братислав ДИМИТРОВ

Во старо време, Цајгер беше една од најчестите и најредовни љубовни активности. Кога некој ќе погледне на саатот и токму тогаш ќе здогледа дека двете стрелки се поклопиле во една, одма извикува „Цајгер!“ Тоа значи дека авоматски ја испружува раката со издвоени (обично) два прста кон најблискиот до себе, кој рутински повлекува еден од нив. Така сопственикот на прстите дознава кој мисли на него, затоа што секој од прстите е именуван со некоја блиска или планирана блиска особа. Тие што се сметаа за големи швалери (или женските што беа нерешителни или маанџики) испружаа и по неколку прсти, за секој случај.

Од оваа историска дистанца, јас како психолог-аматер сметам дека тоа воопшто не беше обична игра. Напротив. Цајгер беше наша ритуална магија (една од многуте) со која се обидувавме да се спротивставиме на историскиот материјализам и суровиот дарвинизам. Да ја сочуваме тајната и мистеријата на човечкото живеење. Да ја одржиме во работна температура љубовната хемија. Народски кажано: Конечно да фатиме женска! Каква женска? Не поставувај глупави прашања. Според мемоарите на Цанко Курбла, женска си е женска и секогаш ќе си биде женска. Тој ич не пребираше и така го доби додатниот прекар „скотојебац“.

Тука имаше и трагикомични ситуации. Во старите добри времиња, најчести тепачки беа заради женска. Во модерните времиња ја измислија демократијата со феминизмот и мажјаците почнаа да се тепаат за тендери. Во денешно време и тепачките се валкани. А тогаш беа фер. Од една таква славна „ферка“ на корзо, Столе Џамбаз излезе како „мајски бумбар“, а за Цанко Курбла го потрошија цел гипс во Градска болница. Со останатите нивни рани можеа да се фалат единствено солунските „ратници“. Дека не претеруваме, сведочи фактот дека и обајцата мораа да извадат нови лични карти.

И како за малер, кога и да погледнеше на проклетиот саат, Цанко секогаш здогледуваше „цајгер“. Проблемот беше во тоа што тој своите прсти можеше да ги види само со бујна фантазија. Толку завои не потрошиле за балсамирање на фараоните Рамзес и Тутанкамон, заедно. Во вакви трауматични моменти, филозофијата секогаш триумфира: „Абе стручњаци за атомски централи немаме, ама за кршење туѓи прсти секогаш ќе се најде некоја џукела“, воздивнува Цанко како македонски Европеец, секогаш кога ќе налета на нешто што не е „во согласност со уставот и законите“.

Како стар адетлија и угледен љубовџија, Цанко побара да му го соблечат чорапот од едната нога. Прсти се прсти, кој што сака нека каже. Не било така. Во пречник од многу километри не се најде јунак што за потребите на „цајгер“, ќе повлече ножен прст излезен од патиката на Цанко.

За среќа, таа Нова година во Тафталиџе се врати еден нашинец од дијаспората, познат ловец на творови во Канада. Тој три пати повлече различен прст и во сите три пати фигурираше Мариче! Така почна една од најголемите љубовни приказни од Петров Ѓорче преку Тафталиџе сѐ до Јурумлери, плус Тасино чешмиче. Цанко го сврте својот рачен часовник кон внатрешната страна на раката, што беше знак во тоа време дека е „заузет“. А Мариче почна да гледа во врвот на неговите патики „шангајки“. Класично женско „гувеење“, што беше знак дека решила да се мажи со него, па макар и да биде „бегалка“.

Цајгер пропадна заради лудачката брзина на светот. Додека ти ја испружиш раката со маркираните имиња и некој конечно ќе се реши да повлече некој прст, твојата симпатија веќе е на породилно со второ дете. Во меѓувреме и ние ја оплескавме. Нашата магична игра Цајгер доби значење што нема никаква врска ни со симпатија, ни со љубов ни со бутур. Најзаслужни за ваков неславен крај се нашите класици на уметничкиот правец „ренесансен простотилак“. Кога ќе повлечевме еден од нивните испружени прсти, тие во истиот момент рафално и гласно се ослободуваа од тавата грав изедена во минатите денови! Во тие далечни времиња имавме малку, или воопшто немавме. Но ја имавме најважната работа. Верувавме во чуда. Денес прстите служат за чистеење нос и уши, чешање газ и заканување. Ништо не остана свето. Така осаменоста се насели во нас. Не е далеку денот кога самите ќе си влечеме прст.

Како вчера да беше, а не беше.

Беше 31 снежник (декември) 1963 година. Дедо Господ фрли една рака снегулки и цело маало стана како шампита. Големите подготовки почнаа. Мама Даринка на прегорена сијалица стави чорап и „пекла по пекла“ го крпеше, да биде како нов. Тато Иван „најдоброто ножче на светот Силвер“ го остреше со кружни движења во стаклена чаша. После ги чистеше раните со комовица и се тешеше со фацата на Чарлс Бронсон. Дада Драгица ги бираше најубавите салфетки за новогодишната маса, по можност да се дупликати.

А јас? Јас стоев на една тумба со капа за на клемпави уши и во капутче „мохер“ го следев секој чекор на Новата година. Имав 11 години, две симпатии, три џебови полни со џамлии и голема желба да имам мустаќи.

Денес имам само мустаќи.

(МИА)