Братислав ДИМИТРОВ
Не се фалам, ама и јас еднаш во животот имав седумнаесет години. Кога во 1969 година Нил Армстронг ја паркира својата крнтија „Аполо 11” во една лонџа на Месечината, се разви жива дискусија. Колку жива? Па богами тој ден испоштувавме едно осум, цирка девет гајби пиво, па сега ти види. Башка билначе ж’та ракија, која во други држави се користи исклучиво како хемиско орујже. Тоа беа времиња кога можевме слободно да дискутираме за сите предности на комунизмот, во однос на капитализмот. Таа наша фина привилегија, го направи настанот уште пошокантен. Кога во еден момент, дискусијата заглави како македонски пoлитичар среде мисловна реченица, збор зема Цанко Курбла. Прибидејќи беше најискусен и беше сè уште жив. Откако значајно се накашла, дигна гајтан веѓи, набрчка чело интелигентно и зема воздух од пола маало, конечно нè удостои со своето видување на настанот: „Море да тибам судбината, да тибам! Ја не можам да отидам до Јурумлери да си ја видам балд’зката, а џукелата шета по Месечината како по Џафте корзо! Што прават бе и тие Руси, да му се сневиди!? Ц! Ц! Ц! Ја згазна Месечината, чоече!?“
Според една друга верзија, Американецот не бил првиот човек што се појавил на Месечината. Пред него пристигнал некој Босанец, како што се уверивме подоцна откако внимателно ја преслушавме касетата од која ечеше: „Мујо кујееее… коња по мјесецууу… !” Сепак, третата верзија беше најубедлива. Според исказот на Ефто „КГБ”, целата работа била еден обичен филмски трик. Американците го снимиле „настанот” во некое холивудско студио само за да ги нервираат Русите. Затоа што „тоа било најглавно во секоја психолошка и ладна војна”. Како и да е, што и да е, после тоа ништо не беше како порано. Кучињата почнаа да лајат на Месечината. Децата да мочаат во сон. Моравме да повикаме засилување на две бајачки дури од Драчево.
Има уште. Гиго „Данте” се повлече во себе. Тоа значеше дека сите изведби на поетските работи врз неговата последна збирка се одложени, додека случајот не се расчисти. Рабирливо. Во секоја негова песна светкаше месечина, но после онаа вселенска екскурзија и Карла Дел Понте стекна право да изгледа романтично. Во таа иста 1969 година, кога Месечината го загуби својот „јунфер”, Столе „Мисир” прв пат ѝ стегна заушка на брачната другарка Верче! Затоа што сметаше дека сега е ослободен од обврската да биде романтичен, но и заради фактот дека престана да биде домазет. Есента нè напушти тивко и без поздрав. Така направи и Брајан Џонс. Отиде на градските гробишта и никогаш повеќе не се врати.
Кога ќе кивнеше првото тибетско говетче во зоолошка, сребрени чипки од мразулци ќе ги закитеа околните стреи, а „хладњакот” од фичото на Цанко ќе заличеше на поларно мече, почнуваа зимските швалерски муабети. Не за сите, разбира се. За многумина тука и завршуваа. Поради технички причини. Тие што во таа цибрина беа принудени да се дружат со својот ишијас и реума , мораа да се задоволат со статусот „теоретски швалер”. Нормално. Која црна женска ќе се кандиса да прилегне на каучот до тебе, ако те види со загреана керамитка или цигла на колено или бубрег? Таман да си Џакомо Казанова, џабе е ако си згмечил термофор на слабини. Зошто овие маалски дискусии никогаш не беа признати како дебати, воркшопови или панел дискусии? Затоа што тогаш никој не ги финансираше. Според едните, тоа е и единствената мана на овие собиранки. Според другите, финансиската независност им овозможи на дискутантите да си кажат сè што им лежи на срцето, а тоа не е малку. Овие маалски состаноци практично беа првите и последните вистински невладини организации. Ниту една влада немаше поим дека тие луѓе воопшто постојат.
Човечката судбина знае понекогаш да биде иронична. Кога се работи за Цанко, таа е многу поредовна. Уште на првата игранка во „Треска”, Цанко се залепи за една Мариче како кец на десетка. Се затреска во момичката и ги стави во очај сите, а особено писателите кои се немоќни да опишат таква љубов. Неговиот случај покажа колку е безнадежно длабока бездната помеѓу теоријата и праксата. Женскиот изглед опеан во народните песни со стихот „таа рамна снага…”, Мариче одамна го надминала. Затоа што беше првата Твиги на Балканот. Од тие причини не смееше да застане до грисини, за да не ја помешаат. Кога ќе каснеше маслинка, одма ја носеа на породилно! Во кафич мораше да влезе неколку пати за да ја забележат дека влегла. Изгледаше како склопен чадор, но вистинската љубов не познава никакви граници.
После игранката, Цанко и Мариче седнале во една росна ливада со млада детелина во најѕвездената ноќ и долго романтичареле… Тоа во пракса значи дека се држеле за рака и во свечена тишина, плус-минус некоја воздишка, со часови зјапале во Месечината. После една цела вечност, Мариче го отворила своето срце како шимшир порти пред закрвавените очи на Цанко (кој никако да се откаже од лошата навика од близу да ја гледа Месечината) и му вели: „Да ти кажам право, и Месечинава не е тоа што беше!“ Цанко не прашува за цена и други услови. Откако прекорно ја погледнал Месечината, нежно шепнал на увцето на Мариче: „Еден ден, ќе ти донесам нова и поубава Месечина“.
Така и бидна.
Отиде на печалба. Додека чекал автобус во Стокхолм, од неговите уморни гради излетал шлајм и се залепил на некоја архитектура до која стоел полицаец кој одамна не бил унапреден. Заради „загадување на еколошката средина и скрнавење на националните богатства“, Цанко еден период преминал на појачана исхрана. Во затворот наместо да резба Ајфелова кула од шпер плоча или да работи за пари во некоја од многуте работилници во „установата”, тој почнал да прави месечина. Од најубавата хартија што му ја донел еден нашинец од Мариово. После неколку години, со месечината под мишка, Цанко ѕвони на вратата на Мариче во Тафталиџе.
Се појавува разбушавена тимба на тип со златен заб, тарзан фризура, истетовиран тенк на левата и подморница на десната подлактица, напред лево орел во лет а десно сирена на карпа, со шкорче во аголот на устата, долг нокт на малиот прст, чорапи во апостолки, златен ланец на „еротски тепих…“
И откако зачешал мадиња и гласно ждригнал со глас од шпагети филмови, домаќинот прашува: „Шо сакаш бе пријателче?“ Зад него се појавува Мариче со 136 килограми, витлери на глава и машко дете в раце. „Да не сакате да купите месечина?“, прашува Цанко, не можејќи да поверува дека човек со таков изглед успеал да стане домазет!? Типот влегува во гаражата и се враќа со една хебла…Тука завршува секоја љубовна, па и оваа приказна.
После многу години, Американците го снимија филмот „Месечина од хартија“. Но, веќе беше доцна за сите. Особено за Цанко, башка Месечината.