Заев ја злоупотребува постапката со европското знаме за да го донесе законот за опојни дроги за личен профит, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев во скратена постапка го пушти законот за марихуана, со тоа Заев сака да ја легализира продажбата и на сув цвет од марихуана за фирмите на братучедите. Заев низ собрание турка закон за Трајче и Вице. СДСМ пушти вкупно 12 закони во собраниска процедура со европско знаме, што значи скратена постапка и скратени можности за пратениците за дискусија и предлагање на измени. Меѓу законите кои Заев сака да ги протне е и законот за академијата за судии и јавни обвинители, со цел да стави целосно рака врз изборот на судии и обвинители, се вели во денешната реакција од опозициската партија.
Ниту еден од предложените закони не е европски закон, се додава во соопштението.
– Заев и СДСМ сакаат да ги злоупотребат институциите и законите за свое лично богатење. Заев знае дека ќе загуби и најважно му е да го заштити капиталот. Сите овие закони се само за заштита на парите на Заеви. ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа и ќе го блокираме Собранието доколку самоволието на власта продолжи. Истовремено ги повикуваме и претставниците на меѓународната заедница, а особено ЕУ да не дозволат ваква злоупотреба на постапката со европско знаменце, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.