Во 14.00 часот, по локално време, според проценките на улиците во Франција имало 32.000 жолти елеци од кои 8.000 во Париз и околу 5.000 во Бурж, јави МИА. Но, засега е се уште рано да се каже колку лица се мобилизираа на денешниот „Деветти чин“ на мобилизација на Жолтите елеци.

Како и по обичај демонстрациите започнуваат мирно со дефиле на улиците, но на самиот почеток на Шанзелизе беше забележана видна тензија со силите на редот, посебно пред „Големите продавници“, кои ги имаа спуштено металните завеси.

По обичај во изминативе два месеца, судирите со силите на редот се на крајот од собирите. Во моментов полицијата во Париз употребува солзавец околу Триумфалната порта, околу авенијата Вагран, каде беа употребени и водени топови.

Дефилето во Париз е завршено, полицијата ги има блокирано сите пристапи, а солзавец почна да паѓа и пред самата Триумфална порта.

Други собири се најавени во неколку градови: Бордо, Марсеј, Тулуз, Лион, Стразбур, Лил, Нант, Рен …

Властите очекуваа поголема мобилизација на „радикализирани“ елементи во текот на денешниот ден, во споредба со минатата недела, посебно во Бурж и неколку поголеми француски градови.

За денеска, префектурата на полицијата во Париз најави зголемени безбедносни мерки, кои се исти како во средината на декември 2018 година.

Од 80.000 полицајци и жандарми мобилизирани низ цела Франција, 5.000 ќе бидат само во Париз со четиринаесет оклопни возила на жандармеријата.

Полицијата и жандармите имаат инструкции да  патролираат, да бидат мобилни, реактивни, да апсат веднаш штом ќе се случи непочитување на редот ни мирот, најави префектот Мишел Делпек. Контроли се вршат  и на пристапите кон Париз.