Во скопската Зоолошка градина в четврток од Холандија се враќа шимпанзото Коко, каде што 10 години беше лекуван од депресија.

Коко од Скопје во Амстердам беше однесен на лекување во 2009 година, а во Скопје в четврток доаѓа со уште три шимпанза, две женки и едно машко, со кои изминативе години се дружеше во ЗОО паркот во Амстердам.

– За Коко и другарите подготвено е новото живеалиште, во кое има голема дневна соба, спални соби, карантински простории и надворешен дел со многу реквизити и лулашки. Новите жители ќе ги пречекаме со списанија оти зоо негувателите од Амстердам ни рекоа дека обожуваат да читаат, а омилено им е играњето во ќебиња, велат од Зоолошката градина.

Коко замина на ресоцијализација во Холандија бидејќи беше во депресија, а тогашното раководство на Зоолошка најави дека Коко ќе се врати за една година, но лекувањето на депресијата се продолжи на десет години.

Коко е роден во Скопје, а набрзо по неговото раѓање во скопската ЗОО градина мајка му угина од туберкулоза и Коко беше во депресија. Коко сега има 23 години.