Докетизмот кој е содржан во апокрифното евангелие ја признава божјата природа на Господ Исус Христос но го отфрла неговото искупително дело и страдалното мачеништво и страдалниот крст, со објаснување дека крстниот момент е реализиран од страна на некој негов ученик, објаснува теологот Дарко Анев

Бранко Ѓорѓевски

“А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата”, стихови се од Евенгелието според Матеј кои на најилустративен начин ја опишуваат довербата и важноста која Исус Христос ја имал во апостолот Петар. А за тоа што за христијаните во периодот по распнувањето и на воскреснувањето на Исус Христос значел овој некогашен рибар, еден од дванаесетте апостоли, кој му се придружил заедно со својот брат Андреј, не треба посебно да се објаснува. Се до својата маченичка смрт на 12 јули 61 година, кога пострадал и апостолот Павле, тој е практично личност која ја има водечка улога во ширењето на христијанството, во конституирањето на христијанската Црква како институција на темелите на неговата вера. Тогаш, на свој начин е чудно како подоцна се случило и било определено списот познат како Евангелие според Петар, што е еден од најстарите вакви ракописи посветени на животот и на страдањето на Исус Христос да не стане дел од канонските Евангелија создржани во Новиот Завет и од кои се фундаменти на христијанската религија. Односно, како се случило за канонски да бидат прогласени Евангелијата според Матеј, Лука, Марко и Јован, кои според сознанијата, настанале по неговото, а не и раскажувањето за кое се верува дека го напишал најверниот следбеник на Исус Христос?

Познато е, делата кои влегле во составот на Новиот Завет, кој го сочинуваат 27 книги, за првпат се фиксирани во 367 година од страна на свети Атанасиј Александриски во неговото 39 воскресенско послание. Со тоа ракописот на пергаментен кодекс кој бил пронајден на почетокот на 1887 година во некрополата Акхмим во Горен Египет од страна на францускиот археолог-египтолог Гастон Масперо, дефинитивно е отфрлен како кредибилно евангелие. А пергаментот кој бил пронајден во гробот во непосредна близина на манастирот кој бил подигнат на овој некогашен антички локалитет, и кој претставувал препис на првичните ракописи направен во 8 век, имал повеќе делови.

 

СМУТ ВО ЦРКВАТА

 

Првиот дел од кодексот напишан на 12 страници, односно, шест пергаментски листови, всушност, е и главниот дел кој се нарекува Евангелието според Петар. Но, досегашните сознанија покажале дека тоа не е целосно евангелско четиво , туку само дел од една евангелска целина на петровото Евангелие. Вториот дел од осум страни го опфаќа ракописот наречен Откровение на апостол Петар и кој открива дека овој и претходниот дел го пишувала една те иста личност. Најопширната содржина ја претставува третиот дел каде веќе се открива дека е пишуван од страна на повеќе автори, додека четвртиот дел е најкус, составен е од само една страница.

-Првиот дел од кодексот во кој се наоѓа петровото Евангелие создава повеќе прашања и тези отколку што дава одговор. Самиот текст започнува со вцртан мал крст на почетокот од текстот и текстуалната содржина одава впечаток дека не станува збор за форамлни зборови  кои имаат одлика на еден канонски евангелски текст. Со други сборови, може да се каже дека текстот е прекината целина од еден веќе постоечки текст и е прифатен како фрагмент. Во науката веќе е прифатено дека овој текст не може да потекнува од периодот по 8 век. Тој препишан фрагмент, кој ќе биде прифатен како петровото Евангелие, е првото пронајдено неканонско Евангелие. Денешниот научен став кон овој фрагмент на петровото Евангелие  е дека фрагментот е создадаен врз база на еден списк, за кој со сигурност не може да се каже дека е првобитното евангелско четиво и дека потекнува од апостолот Петар. Но, се уште постои теорија дека текстот, од кој е препишан постоечкиот фрагмент, е еден текст, паралелен по форма на канонските Евангелија и „се верува“ дека е историски спомнуваното Евангелие според Петар, објаснува Дарко Анев, асистен по старогрчки јазик на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ на МПЦ-ОА.

Тезата дека не се работи за целосно Евангелие Анев ја објаснува со фактот што како почетокот така и крајот на овој текст, каде се гледа грубо прекинување на раскажувачко дејство, потврдуваат дека се фрагмент од еден поголем текст. А за него во западната теолошка мисла периодот на настанувањето се лоцира кон крајот на 2 и почетокот на 3 век. Анев наведува дека овој спис првпат бил спомнат  од страна на Јустин Маченик чии дела датираат од 150-160 година и во кои тој спомнува за еден вид на мемоари и сеќавања на апостолот Петар. Тоа би значело дека не станува збор за едно текстуално дело именувано како Евангелие бидејќи Јустин Маченик сигурно би го именувал како такво. Но, како Евангелие овој спис е првпат спомнат од страна на Серапион од Антиохија во 190-та година и кој, практично, ја дава содржинска линија и теолошката вредност на на ова петрово Евангелие.

-Ние , браќа го прифаќаме Петар и другите апостоли како Христос, на како луѓе кои се искусни, ги отфрламе списите кои одат од рака до рака и се нарекуваат според нивните имиња, а каде јасно се воочува некоја ссоема поинаква вера од онаа која ја примиле апостолите. Јас претпоставувам дека и до вас дошол еден препис на евангелиое кое го носи името на апостолот Петар, и дека заради тоа дошло до смут во редовите на вашата црква. Сега, кога разбрав дека некои од вас втонале во ерес, ќе настојувам што побрзо да дојдам, пишува овој голем теолог во своето дело со што јасно се покажува каков однос треба да се има кон списот кој се нарекува Евангелието според Петар.

 

НЕ ПОЧУВСТВУВАЛ БОЛКИ НА КРСТОТ

 

Теологот Анев објаснува дека Серапион го потенцира ова Евангелие како постоечки спис, но и го објаснува и го отфрла како неприфатливо.

-Тој дозволува делото да се прочита бидјеќи на тој начин ќе се забележи и ќе се открие која ерес се крие во него. За која ерес станува збор Серапион ги споменува најнапред како следбеници кои се отпаднати од Евангелието и воедно имплицитно ја објаснува содржинскаат идеологија на петровото Евангелие, а тоа е докетизмот. Докетизмот го објаснува како учење кое е земено од веќе постоечките Евангелија  и прилагодено со убедливи мисли. А централната идеолошката линија на докетизмот е отфрлањето на човечката природа на Господ Исус Христос. Односно, тој определува дека ликот на Исус Христос поседува само духован егзистенцијалност, а додека телесната природа е само привидно прилагодена. Со други зборови, таа е непостоечка. Ваквиот став на докетизмот стапува во директен конфликт со историска евангелска керигма и секој став за вистинското оваплотување на Логосот во телото е отфрлено- наведува Дарко Анев.

Идеологијата на докетизмот, всушност, најдобро се гледа од списот кој се нарекува Откровение според Петар и во кој е наведено и следното опишување на распнувањето на Исус Христос: „ Видов како го зграбнаа и реков: “што тоа гледам Господе: Дали тој што го водат навистина си ти. Дали тие заковаат стапала и раце на некој друг? Кој е оној над крстот кој е весел и кој се насмевнува над крстот? Спасителот ми кажа:„Оној што го гледаш весел и како се смее над крстот е живиот Исус. А оној кроз чии раце и стапала ги коват шајките е неговиот телесен дел кој е замена. Тие го срамотат она што останало наместо него. И погледни го него и мене“.

-Докетизмот, значи, ја признава божјата природа на Господ Исус Христос и неговото делување во светот, но го отфрла неговото искупително дело и страдалното мачеништво и страдалниот крст, со објаснување дека крстниот момент е реализиран од страна на некој негов ученик. Ваквиот став води кон објаснување дека Исус Христос не бил во состојба и можност да искуси човечки измачувања. Ваква теолошка мисла е забележана и во египетскиот прегаментен кодекс каде е наведено:„ и тие донесоа двајца злосторници и го распнаа Бога во средина помеѓу нив, но тој молчеше, како болки да немаше“. Овој став јасно го дистанцира петровото Евангелие од познатите канонски Евангелија – потенцира теологот Дарко Анев додавајќи дека е индикативно и тоа што во делото не се употребува името на исус Христос.

 

КОИ БИЛЕ ПОСЛЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА КРСТОТ

 

Од друга страна, интересни се и другите разлики на ова петрово Евангелие со четирите канонски Евангелија. Така, на пример, во петттата глава се наведува дека владеела темнина на местото на распетието и дека луѓето насобрани околу се обидувале да го осветлат местото бидејќи не биле во состојба да видат што се случува помеѓу нив.

-Во таква ноќна состојба извикува исус „Силата моја, силата моја, ти ме напушти“, а што пак не е со канонските евангелија. Проблематичен е и моментот од крајот на оваа глава во кој се наведува дека во таква непрегледна ноќ Бог зема Исус без подетално објаснување – потенцира овој теолог.

Во канонските евангелија се забележани поинакви последни зборови кои ги кажал Исус Христос кога бил распнат на крстот. Во Евангелието според Матеј е наведено дека тој кажал: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил“, а во Евангелието според Лука: „Оче, во Твои раце го предавам својот дух“, што е различно од неканонскиот спис..

Во шесттата глава се опишува едно посебно дејство, кое во ниту еден аспект не одговара на канонските Евангелија. Поточно дел од јудејците, кои се пред распетието извлекуваат еден нокт од Исусовото тело и го положуваат на земја и во истиот момент се појавува сонцето и се враќа целата светлин врз Јудеја. Моментот на појавувањето на сонцето е 9 час. Во канонските Евангелија 9 час е времето на распнувањето и затемнувањето.

-Десеттата глава го опишува воскресението на Исус (κύριος-Господ) и повикот кон јудејските старешини. Двајцата мажи сега во овој дел го изведуваат Исус (κύριος) од гробницата како придружба, која е опишана детално. Исус се наоѓа во средина и воден од двајцата мажи. При излегувањето од гробницата се опишува како биле проследени од еден крст во светлина, кој самиот се движел во позадина. По излегувањето од Гробот сега не се споменува ниту Исус ниту Господ, туку се спомнува „тој” кој што бил во средината, тој ги подигнал очите кон небото и во истиот момент се слушнал силен глас од небото: „Дали им проповедаше на умрените”, но сега одговорот не се лоцира во некој од трите мажи туку одговорот го дава крстот во потврдна форма – „да” – ја потенцира и оваа разлика теологот Анев.

Претходно, во деветата глава се наведува дека гробницата била чувана од двајца римски војници кои се менувале во текот на денот. Веднаш потоа се и опишува отворањето на небото и слегнување на двајца млади мажи во светлина и бела облека, како и самото отворање на гробната плоча. Во последната, 13-та глава, како завршно опишување се спомнува бројот на дванаесетмината ученици и нивната состојба на жалост каде во последниот стих се спомнува целосното име на Симон Петар. Токму од тоа важело како потврден аргумент за авторството на првобитниот текст, од кој потекнува фрагментот именуван како петровото Евангелие. Сепак, сето ова било доволна причина Евангелието да биде отфлено.

-Не би одговорил дека секоја книга или пишан текст кој содржи теолошко-религиозни одлики, кои не се во согласност со канонот на Новиот завет, немаат посебна вредност. Би кажал дека токму во тие пишани текстови – апокрифни списи – покрај посебни теолошки и догматски убедувања  и одредби , може да се реконструира  еден цел период  и да се даде еден одговор за состојбата во која се појавува тоа авторство  и кои се проблемите и филозофрските правци кои го обликувале токму тој текст. Покрај историските факти, кои даваат некогаш и целосна слика за некои случувања, постои и можност за разбирање на поинакви аспекти и ставови кон канонските текстови – наведува теологот Дарко Анев.