– Официјално, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година погоден од куршум на бугарски војник. Претходно, била опколена куќата во сегашната скопска населба Трнодол каде тој се наоѓал. Кузман успеал да се извлече, да побегне, но стигнал само некој километар подоле до денешното паркче спроти некогашна Алумина, каде бил застрелан.
Внимателна анализа на податоците за смртта на Кузман, кој бил нарекуван и втор Гоце Делчев, покажува дека тој најверојатно бил предаден. Прашањето е од кого, иако одговорот се насетува од барањата на Темпо, Кузман да биде тргнат

-Интересна е линијата која ги поврзува Рацин, Кузман и Ченто, линија која подразбира непочитување на сите желби на оние кои ги претставувал Темпо и линија која е тесно поврзана пред се со интересите на Македонија и македонскиот народ. Тројцата завршуваат трагично, а нивниот живот, посебно последните моменти на Рацин и Кузман и натаму се обвиткани со мистерија. Наспроти, тоа неколку децении македонскиот народ беше убедуван во нешто друго

Дарко ЈАНЕВСКИ

Ако за убиството на Кочо Рацин и во времето на комунизмот можеше, тука и таму, да се чуе по некој збор, мистеријата околу смртта на Кузман Јосифовски-Питу е надвор од видокругот на Македонците дури и во времето на независна Македонија. Во свеста на народот тој е само еден од партизаните кој бил убиен од бугарскиот окупатор и тука отприлика завршува приказната. Своевремено, децата од основното училиште во близина на некогашната фабрика ‘Алумина’ беа носени на местото каде тој загинал и каде е поставен споменик (сиромаштијата во независна Македонија ја однесе бистата на топење, а остана само основата од споменикот со натписот, за пред некоја година Стевче Муња да постави друго спомениче неколку стотини метра понатаму) за да им биде одржан говор кој никогаш не го слушаа, уште помалку го помнеа, но сега и тој обичај изумре.
Официјално, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година погоден од куршум на бугарски војник. Претходно, била опколена куќата во сегашната скопска населба Трнодол каде тој се наоѓал. Кузман успеал да се извлече, да побегне, но стигнал само некој километар подоле до денешна Алумина, каде бил застрелан.
За разлика од денес, кога да се има куќа во Трнодол е привилегија, во 1944 година тоа било изолирано место, надвор од градот до кое се стигнувало минувајќи низ безброј ораници. Во близина, токму на неколку метри од местото каде Кузман е убиен, минувала железничката пруга за Тетово, и така беше се доцните седумдесети години од минатиот век. Во тој дел, поголеми биле шансите да налетате на некое диво животно, отколку на бугарска војска. Оттука, во официјалната приказна за неговото убиство очајно недостига податокот за тоа кој им соопштил на бугарските власти каде се наоѓа Кузман, и како војниците успеале да се приближат одејќи по пустелијата низ која мора да се мине за да се стигне до Трнодол, без да бидат откриени.

Обединета Македонија

Како и да било, внимателна анализа на податоците за смртта на Кузман, кој бил нарекуван и втор Гоце Делчев, покажува дека тој најверојатно бил предаден. Прашањето е од кого. Тоа што едноставно не може да се тргне од пред очите е барањето на Светозар Вукмановиќ-Темпо, Кузман Јосифовски-Питу да биде отстранет.
Причини за тоа имало многу, но главната била поврзана со неговиот став дека Македонија „не може да биде слободна, ако не биде обединета“ и отворено настојувал да се фомираат македонски партизански единици во Егејска и Пиринска Македонија, и тие да се поврзат со единиците од Вардарска Македонија. Тоа значело нивна заедничка борба за ослободување на обединета Македонија. А, токму во своето писмо до ЦК на КПМ од август 1943 година, Темпо вели:
‘Ние не удривме доволно енергично по тие автономистички тенденции, кои во голема мера ја зафатиле нашата партиска организација во Македонија и кои се изразуваат во инсистирање нашата партиска организација во Македонија да ја одделат од составот на КПЈ и да ја изолираат борбата на македонскиот народ од борбата која што ја водат другите народи на Југославија…’
Со оваа реченица, без поголем проблем можело да му биде ‘спакувано’ досие на било кој македонски комунист и партизан кој би ги спомнал Егејска и Пиринска Македонија. А, Кузман не само што ги спомнувал, туку и барал обединување на борбата на Македонците од сите три дела на Македонија. ‘Каузата на македонскиот народ од пред 50 години е во опасност. Сврзувањето со Југославија, конкретно значи и откажување од соединувањето на Македонија’, тврдел Кузман.
Ако тоа било така, ако и Темпо во своето барање бил јасен, тогаш не останувало ништо друго освен Кузман да го убијат Бугарите. Кој ги одвел нив до Гоце Делчев од Втората светска војна, е прашање околу кое и не мора да има толку многу дилеми, сеедно што има и такви кои сметаат дека дури и куршумот не бил бугарски.
При сето тоа, останува фактот дека повеќе од 45 години, Македонците беа манипулирани со еден настан чија медаља очигледно има и друга страна. Интересно е само што и денес, седум и пол децении подоцна, во Македонија човек многу ризикува ако ја спомне Егејска Македонија. Додуша, животот веројатно ќе си го зачува, но столбот на срамот не му гине.

‘Спинот’ за Ченто

За разлика од Кузман, Македонците многу повеќе знаат за Методија Андонов-Ченто, но и тие сознанија имаат понов датум и датираат од времето на ‘македонската пролет’ кон крајот на осумдесетите години од минатиот век, па до денес. Дотогаш, Ченто беше народен непријател, осуден од судскиот совет составен од Лазар Мојсов, Коле Чашуле и Панта Марина, а според неговиот син Илија, во режија на Видое Смилевски-Бато (тие што ги следат страниците на Денешен, веројатно го прочитаа завчерашниот текст на Блаже Миневски за тоа како Темпо го инсталирал Смилевски-Бато во Президиумот на АСНОМ). Вината на Ченто е во идејата за обединета Македонија, за што и во подоцне`ните години на социјалистичка Македонија можеше да се заврши во затвор, бидејќи по дефиниција тоа беше идеја за која се сметаше дека ја загрозува Југославија.
Во време на Втората светска војна, и Ченто како и Кузман доаѓа во судир со Темпо. По војната тој судир се претвора во судир со македонските и југословенските власти, што го одведува во затвор под првично обвинение дека сакал да пребегне преку југословенско-грчката граница, што само по себе е лага. Потоа, во записот од претресот на судењето стои:
‘Обвинетиот Методија на претресот рече дека тој кон Македонија има последен долг, а тој е: обединување на Македонија, која така обединета да се приклучи кон Југославија, Бугарија или Грција или да биде независна, од што судот се увери дека за остварување на горниот план на обвинетиот Методија, нужен предуслов е отцепување на Н.Р. Македонија од ФНР Југославија што значи повреда на нејзината територија’.
Ченто се залагал и за следното: ‘Ако планот за Македонија не мо`е да се реализира по пат на договор со балканските држави, тогаш да се бара од големите сили, во интерес на мирот на Балканот, да дадат сугестија целосна Македонија да стане независна…’
Ова било доволно македонскиот народ, односно поголемиот негов дел да го смета Ченто за непријател, што секако барало завидна манипулација со свеста на луѓето. Интересна е меѓутоа линијата која ги поврзува Рацин, Кузман и Ченто, линија која подразбира непочитување на сите желби на оние кои ги претставувал Темпо и линија која е тесно поврзана пред се со интересите на Македонија и македонскиот народ. Тројцата завршуваат трагично, а нивниот живот, посебно последните моменти на Рацин и Кузман и натаму се обвиткани со мистерија. Што само покажува дека денешните ‘спинери’ во Македонија не се современ изум и дека имаат завиден материјал од кој можат да учат.