Дарко ЈАНЕВСКИ

Еден документ откриен пред десетина години во Истанбул, упатува на тоа дека пред Илинденското востание, Ѓорче Петров, инаку познат уште и како „крал на дипломатијата“ или поточно „крал на разузнавањето“ во ВМРО, бил во Женева, а оттаму, во април бил во Митровица. Се претпоставува дека е можно да договорал заеднички настап на македонските и албанските чети против османската власт. Но, од друга страна веста за смртта на Гоце Делчев (20 април по стар календар), го затекнала во Софија, па постои одредена дилема околу точноста на информацијата за неговото таинствено патување кое прв беше обнародено во 2011 година.

Сепак, овие документи допрва ќе треба да добијат своја потврда и со тоа да ги отстранат евентуалните сомнежи околу можноста таков настан навистина да се случил. Но дури и да е точна информацијата на турските власти, тоа сепак не го менува ставот на Ѓорче околу одлуката за кревање на Илинденското востание. Тој и натаму останува негов противник, а евентуалната соработка со албанските чети веројатно ја гледал во изведување партизанско-терористички акции на еден поширок простор, како што тоа го замислувал и Делчев.
Токму поради неговиот став кон востанието, не сакал да има никаква одговорност во врска со него. ‘Бидејќи се продолжи со подготовката и се разгласи дека востанието ќе се прогласи на Илинден, нарочно го одложив одењето (во Македонија, н.з.) до денот на востанието, за да симнам од себе секаква одговорност’, раскажувал во 1908 година Ѓорче во своите спомени.
Во Македонија, по доаѓањето во прилепско се сретнал со четниците на Лазар поп Трајков од костурско. Таа средба, ја дава можеби комплетната слика за македонската борба: ‘Тие беа разбиени во костурско… Преку воденско, гонети од глад, стигнуваат во прилепско со намера да појдат во Бугарија. Грозен впечаток ми оставија, сите беа окапани, голи, боси, како Цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети како волци. Од 300-400 души колку што тргнале од костурско, беа останале 130 души, а другите се одделувале и си оделе во своите родни места. Но, наспроти прилепските четници, предизвикуваа восхитеност. Тие беа херои, наспроти нашиве баби. Еланот во нив не беше убиен’, раскажувал Ѓорче со мешавина на чувства која тешко може да се разбере, уште потешко да се опише.