Триесет и пет годишникот убиен вчеравечер на територија на Чаир е Хебиб Буњаку, син на Екрем Буњаку кој е епоранешен функционер на ДУИ, а сега вработен во Општина Чаир. Екрем во 2013 година беше и директор на Државната техничка инспекција.

Пријателите на Хебиб се простуваат од него на социјалните мрежи.

-На Алах му припаѓаме и само на Него ќе се вратиме! Хебиб Буњаку, најдобриот син на нашето маало во Серaвa, познат по широкото пријателство низ фудбалот, и по многу други атрибути, почина и Хебиб беше син на Екрем Буњаку. Како соседи кои ги делеле истите неволји во едно маало и во знак на почит, изразувам сочувство до чичко Екрем и целото негово семејство! Бог да ви даде трпение, а Аллах да му даде на Хабиб највисоките чинови од Неговиот Рај, се вели во една од објавите.

-Многу тажно. Вечна ти слава драг пријателе. Патувај мирно и чувај место до тебе. Еден ден ќе се сретнеме и ќе се смееме како што тоа го правевме секојдневно… Екрем најдлабоко сочувство тебе и на целото твое семејство, стои во друга објава.

-Со скршено срце и длабока болка ја примивме веста за смртта на поранешниот играч, нашиот пријател Хебиб Буњаку. Извонреден човек кој остави незаборавни спомени за сите што го познаваа. Нашето најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои имаа среќа да го запознаат. Алах да ве помилува, пишуваат од футсал клубот Шкупи.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата околу 23:50 часот добила пријава дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје.

-На 11.02.2025 во 00.06 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција, информира МВР.

По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.

Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од ОЈО Скопје истакнаа дека дежурен јавен обвинител извршил увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени.

-Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат, информираат од Обвинителството.