Многу врева за ништо, има една драма од Шекспир, вака министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето во Утрински брифинг, ја коментираше вчерашната „фама која поранешниот еврокомесар и поранешен специјален пратеник за верски права Јан Фигел ја направи пред затворот Шутка“, каде инсистирал да влезе и да го посети притвореникот Орце Камчев.

– Мислам дека целата таа приказна е пренапумпана во јавноста веројатно со некаква цел. Средбата на Фигел со Орце Камчев е на барање на адвокатот на Камчев. Побарано е пред два дена од судот, а потоа се појави пред затворот и побара да се види со Орце Камчев. Бев известен, побаравме информации од Европската комисија и од словачката Амбасада, нему сите фунции му се веќе одминати. Се работи за приватна иницијатива и од судот имале дилема дали во моментов има некаква функција. Проверено е и утврдено е дека нема функција. Немаше одобрение од судот во одредено време, потоа е дозволено. Ниту јас ниту еврокомесарот Вархеји не сме ургирале кај никого за да се случи или не се случи посетата, тоа се шпекулации, објаснува министерот за правда Бојан Маричиќ.

Министерот истакна дека сите притвореници и затвореници имаат редовни посети од адвокатите и блиските луѓе од семејството.

– Орце Камчев пред неколку месеци имаше и барање за посета и од Хелсиншки комитет за човекови права и тоа му беше одобрено. Никому ништо не му е забрането. Морам да напоменам дека вон сите процедури е појавување пред затворот и барање да се види со затвореник или притвореник, работа е на судот одобрение за посета на лицата во затворот, нагласи Маричиќ.